17 октомври 2023

Едукативни работилници на СВР Скопје

Продолжувајќи со активностите во рамки на проектот „Безбедност во училиштата“, а во пресрет на 18 Октомври – Европскиот ден за борба против трговија со луѓе, денеска (17.10.) Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со полициски службеници од Полициските станици од општа надлежност Аеродром, Бит Пазар, Центар и Гази Баба реализираа повеќе едукативни работилници со основци од повеќе скопски основни училишта.

Така, во општинските основни училишта „Лазо Ангеловски“, „Димитар Македонски“ и „Александар Македонски“ на подрачјето на ПСОН Аеродром беа спроведени три едукативни работилници со учениците од училишните Клубови за превенција на тема – „Спречување на трговија со деца“. На истата тема работилници беа реализирани и во основните училишта „Исмаил Кемали“ (на подрачјето на ПСОН Бит Пазар), потоа во „Коле Неделковски“ (на подрачјето на ПСОН Центар) и „Стив Наумов“ (на подрачје на ПСОН Гази Баба).

Со работилниците беа опфатени ученици од седмите и осмите одделенија од овие скопски основни училишта, а со цел да се едуцираат и информираат учениците околу препознавање на опасностите и начините на заштита од трговијата со деца. Едукативните работилници се реализираа преку наменски подготвен видео концепт, а дополнително на децата им беа делени и печатени еудукативни материјали за заштита на децата од трговија со деца.