Бирото за јавна безбедност е орган во состав на Министерството за внатрешни работи, кој ги врши полициските работи во Министерството и чија организација и надлежност е уредена со Законот за полиција (,,Службен весник на Република Македонија“ бр.114/06, 6/09, 145/12 и 41/14).
Во надлежност на Бирото за јавна безбедност е концептуалното планирање, следење и анализирање на безбедносната состојба и причините за појава на криминалитет и загрозување на јавната безбедност; генерален и стручен надзор и контрола над работата на организационите единици на Полицијата; обработка на лични податоци под услови и на начин утврдени со овој и посебен закон; спроведување на ратификуваните меѓународни договори за полициска соработка и други меѓународни акти за кои е надлежна Полицијата; грижа за подготвеноста на Полицијата за дејствување и работа во услови на сложена безбедносна состојба и други работи утврдени со закон.
Со работата на Бирото раководи директор кој на предлог на министерот го именува и разрешува Владата на Република Македонија за време од четири години.
За вршење на полициските работи од надлежност на Бирото за јавна безбедност формирани се следниве организациски единици:
1. Сектор за полициски работи од општа и посебна надлежност е одговорен за секојдневното полициско работење од областа на јавниот ред и мир, превенцијата, како и за полициските активности кои се однесуваат на сложени безбедносни состојби.
2. Сектор за сообраќајни работи е одговорен за секојдневното полициско работење од областа на сообраќајот и сообраќајната превенција; проверка на начинот на спроведување на возачкиот испит и испитот за проверка на стручност на возач-инструктор; учествува во постапката за издавање и одземање на лиценцата на возач-инструктор и други дејствија од областа на сообраќајот.
3. Сектор за криминалистичка полиција ги координира мерките и активностите со организациските единици надлежни за криминалистички работи и Регионалните центри за гранични работи, во насока на воедначено постапување на оперативните полициски служби на терен.
4. Сектор за криминалистичко разузнавање и анализа работи на собирање, обработка и анализа на податоци и информации по претходно утврдени методологии и стандарди за обработка, изготвува аналитички продукти и извештаи и врши нивна дисеминација до организационите единици во организационите единици во Бирото за јавна безбедност.
5. Сектор за гранични работи и миграции е одговорен за секојдневното полициско работење од областа на граничните работи, полициските активности кои се однесуваат на прекуграничниот криминал и миграции, како и на работи кои се однесуваат на странци и реадмисија.
6. Сектор за заеднички работи и управување со човечки ресурси е надлежен за вршење на определени стручни работи за потребите на Бирото за јавна безбедност во областа на управувањето со човечките ресурси, правните и финансиските работи, заштитата на личните податоци и развој на персоналот и застапеност на заедниците кое се грижи за еднаквост на половите.
Во рамките на Бирото за јавна безбедност формиран е Регистар за соработка со НАТО и безбедност на класифицирани информации кој ги врши работите што се однесуваат на имплементација на активностите во согласност со Акциониот план за членство на Република Македонија во НАТО и засилените напори за интеграција во ЕУ.