Министерството за внатрешни работи ги врши работите што се однесуваат на:
- остварување на системот на државната и јавната безбедност;
- пријавувањето на живеалиштето и престојувалиштето;
- државјанството и патните исправи за премин на државната граница;
- движењето и престојот во граничниот појас;
- контролата на преминување на државната граница, како и определени работи во врска со утврдувањето и решавањето на граничните инциденти и другите повреди на границата;
- престојот и движењето на странците;
- производството, прометот, складирањето и заштитата од запаливи течности, гасови, експлозиви и други опасни материјали и превозот на овие материјали;
- укажувањето на помош при елементарни непогоди и епидемии;
- набавувањето, поседувањето, носењето и контролата на обележувањето на оружјето и муницијата;
- надзорот од негова надлежност и
- врши други работи утврдени со закон.
Министерството во рамките на својата надлежност им укажува стручна помош на граѓаните, правните лица и на државните органи во остварувањето на пропишаните права и обврски, заштитата на животот и личната сигурност на граѓаните и имотот.
Работниците во Министерството се должни во вршењето на работите и задачите да го штитат и чуваат животот и имотот на граѓаните, да ги почитуваат слободите и правата на човекот и граѓанинот и да ги применуваат на пропишан начин само мерките и средствата на присилба што со овој закон или друг пропис се утврдени.
Организациската структура на Министерството ја сочинуваат:
- организациски единици за потребите на Министерството и
- органи во состав на Министерството.
Организациските единици за потребите на Министерството се организациски единици надлежни за вршење на стручни работи во врска со вршењето на внатрешните работи, за потребите на целото Министерство.