Оддел за дисциплински и судски постапки

Во текот на досегашното работење во делот на дисциплинските постапки особено во Министерството за внатрешни работи утврдени се низа недоследности во водењето на постапката, времетраењето на истата, изрекување на мерката, влијанието на раководителите на видот и висината на мерката.

Врз основа на извршената анализа на видот на изречените мерки за исти или слични повреди, констатирано е изрекување на различни мерки, што е оценето како негативно во однос на превентивната и репресивната функција што ја има дисциплинската постапка како главна цел.

Со цел подобрување на состојбите во делот на дисциплинската постапка, со поддршка на ОБСЕ беше формирана работна група која беше задолжена да изврши ревизија на системот на дисциплински постапки во Министерството, со цел поголема конзистентност на дисциплинската постапка, односно почитување на редот и дисциплината од страна на работниците.

Работната група изготви Документ ,,Оценка и ревизија на системот на дисциплински постапки во МВР“, верификуван и промовиран во септември 2019 година, во кој се содржани препораки за измени во концептот на водењето на дисциплинските постапки.

Покрај наведениот документ, во контекст на потребата од соодветна ревизија во системот на дисциплински постапки се и конкретни документи, во кои се содржани соодветни препораки во конкретната област:

1. Извештајот на ГРЕКО, особено во делот кој содржи препорака за „Обезбедување автономија и независност од несоодветно влијание на механизмот за внатрешна контрола на полицијата и соодветен мандат, ресурси и експертиза на истиот (пропишување на целосно нови правила за водење на дисциплински постапки за полициските службеници со што на организациската единица за внатрешна контрола ќе и се обезбеди независнот во работата како од самата полиција врз која се врши контрола, така и од политички именуваните лица“).

2. Националната Стратегија на РСМ за борба против корупцијата и судирот на интереси, во која за успешно откривање и санкционирање на неправилностите, потребно е да се формираат централни дисциплински комисии во Министерството за внатрешни работи.

За таа цел, формирана е работна група со задача да ја изготви предлог за формирање на професионален облик за водење на дисциплински постапки во Министерството, негова организација, состав, позиционирност, потребен број на извршители, како и целосна анализа на потребните измени во правната регулатива со која се дефинира работењето поврзано со дисциплинските постапки во Министерството.

По превземените активности на Работната група, а во согласност со насоките на раководните структури во Министерството, разгледана е можноста за ПРОФЕСИОНАЛИЗАЦИЈА НА ДИСЦИПЛИНСКИТЕ КОМИСИИ, преку воспоставување на модел кој подразбира ФОРМИРАЊЕ НА ПОСЕБНА ОРГАНИЗАЦИСКА ЕДИНИЦА во Министерството, надлежна исклучиво за работите што се однесуваат на спроведување на дисциплински постапки.

Со наведениот модел ќе се овозможи висок степен на професионализација, објективност, унифицираност во работата и рационално користење и располагање со човечките ресурси во Министерството за внатрешни работи.

Тоа би значело укинување на комисиите за водење на дисциплинска постапка (вкупно 12), односно преземање на целокупните активности околу водењето на дисциплинската постапка во новиот организациски облик.




Основните надлежности на Одделот за дисциплински постапки се состојат во водење на дисциплинската постапка, односно утврдување на стандарди на водење на постапката, спроведување на целокупната дисциплинска постапка, како и изготвување на решението за изрекување на дисциплинска мерка кое ќе биде донесено од страна на министерот за внатрешни работи.

Во согласност со Препораките содржани во Документот ,,Оценка и ревизија на системот на дисциплински постапки во МВР“, покрај основните надлежности во спроведувањето на дисциплинските постапки, се предлага Одделот да превзема активности во функција на:

Доследна примена на правната регулатива во процесот на утврдување на одговорност заради прекршување на работниот ред и дисциплина односно неизвршување на работните обврски, особено и од аспект на обврската за задолжително укажување за сторени прекршоци (,,Кодекс на молчење“), кое би било предвидено и во рамки на дисциплинските мерки за работниците како посебна санкција за непријавување на злоупотреби односно несоодветно однесување на колеги.

Превенирање на несоодветното однесување на работниците, односно воспоставување на механизам за рано предупредување (рана превенција), преку инструментите на советување, поука и обука на работниците, а особено на оние чие извршување на работните задачи е под голем ризик за вршење на дисциплински повреди. Поаѓајќи од целта на механизмот што не подразбира казнување, туку утврдување конкретни мерки односно начини на корекција на однесувањето, активностите во овој контекст се состојат во примена на неформален начин на корекција на однесувањето на работниците, што не подразбира спроведување постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и тоа: обука на работникот (како главна корективна интервенција), менторство, советување, поука, заемно договарање за подобрување на ефикасноста, унапредување на степенот на одговорност на работникот и раководниот кадар и сл..

Активно учество во креирањето на Дисциплинска матрица односно Класификација на прекршувањата на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски во повеќе нивоа/категории, со дистинкција на однесувања кои имаат минимален негативен ефект врз работата и угледот на Министерството и градација според нивната тежина односно негативен одраз врз работата и угледот на институцијата, а во согласност со точно утврдени критериуми во однос на нивното повторување од страна на ист работник, околностите, како и последиците што ги имаат врз Министерството. Целта на наведената активност е развивање на конзистентност и правичност во дисциплинската постапка, елиминирање на разликите и обезбедување еднакво санкционирање на сторителите на исти или слични дисциплински повреди.


Континуирана професионална надградба, преку стручна обука на работниците во Одделот за дисциплински постапки, студиски посети насочени кон надградување на знаењето и капацитетите неопходни за анализа и одлучување во случаите на утврдување на дисциплинска одговорност на работниците.

Благодарение на соработката со ОБСЕ организирана е основна обука за водење на дисциплински постапки како и студиската посета во Холандија од која се надеваме ќе добиеме нови сознанија и размена на искуства за подобрување на капацитетите на одделот.

Една од основните заложби на Одделот за дисциплински постапки во процесот на спроведување на своите надлежности, би била и континуирана професионална надградба во однос на начинот на спроведување на постапките за утврдување на дисциплинска одговорност, со посебен акцент на навремено и ефикасно спроведување на дисциплинските постапки, зајакнување на улогата и одговорноста на раководителите во однос на постапките на работниците со чија работа раководат, како и следење и анализирање на однесувањето на работниците.


Стратешки определби на новиот оддел за дисциплински и судски постапки се следните:


1. Ревидирање на правната регулатива со која се уредува системот на дисциплински постапки (Законот за внатрешни работи, Колективниот договор на МВР), како и соодветна интервенција во актите за организација и работа односно систематизација на работните места во Министерството;

2. Човечки ресурси – како еден од клучните фактори за правилна имплементација на моделот

Со оглед дека дисциплинската постапка е еден вид на процесна постапка, се претполага раководниот кадар во организацискиот облик да има соодветен вид на образование - Правен факултет, имајќи предвид дека познавањето на правото претставува неопходност за законито и правилно водење на постапката;

Работниците во овој организациски облик се предлага да имаат најмалку 10 години работен стаж (како и досега), со компетенции, квалитет, стручност и углед меѓу вработените...

За таа цел, се предлага континуиран и долгорочен процес на планирање во областа на управувањето со човечките ресурси и овој процес би се реализирал во соработка со организациските единици надлежни за управување со човечки ресурси во Министерството за внатрешни работи.