ИНТЕРПОЛ

 

 ИНТЕРПОЛ (International Criminal Police Organization - INTERPOL)



Меѓународната организација за криминалистичка полиција – ИНТЕРПОЛ е најголемата меѓународна полициска организација, во која членуваат 194 земји од светот (по бројот на членство е втора најголема светска организација, после ООН).

Формирана е во 1923 година, со цел да ја олесни меѓународната полициска соработка, како и да им даде поддршка и помош на сите организации, служби и сервиси, чија задача е превенција и борба против меѓународниот криминал.

ВИЗИЈА:

Поврзување на полициите за побезбеден свет„ – Визија на ИНТЕРПОЛ е свет во кој сите службеници кои работат на спроведување на законот да можат преку ИНТЕРПОЛ безбедно да комуницираат, да споделат и добијат клучни полициски информации секогаш кога е потребно, обезбедувајќи ја безбедноста на граѓаните во светот. ИНТЕРПОЛ константно обезбедува и промовира иновативни и современи решенија за глобалните предизвици во полициското делување и безбедноста. 

МИСИЈА:

Превенција и борба против криминалот, преку зајакната соработка и иновација во полициските и безбедносните работи

ИНТЕРПОЛ ја олеснува најшироката можна меѓусебна помош помеѓу криминалистичките служби. Дава сигурност дека полициските служби ширум светот можат да комуницираат безбедно, како и овозможува директен пристап до полициски податоци и информации на глобално ниво. Обезбедува оперативна поддршка во специфички области на криминалот. Континуирано работи на подобрување на полициските капацитети во превенција и борба против криминалот и развој на вештини неопходни за ефективно меѓународно полициско делување.

ПРАВИЛА ЗА СОРАБОТКА:

• третиот член од статутот забранува ИНТЕРПОЛ да врши било какви дејствија и посредувања кои имаат политичко, верско, расно или воено значење;

• соработката се однесува исклучиво за таканаречени вообичаени криминални дејствија;

• во секое барање мора да се наведе причината за собирање на потребните информации и секако мора да се наведе точно одредено казнено дејствие.

Организациската структура на ИНТЕРПОЛ ја сочинуваат:

• Генерално Собрание (ГС),

• Извршен Комитет (ИК),

• Генерален секретаријат,

• Национални Централни Бироа (НЦБ) и

• Советници.

Генералното собрание и Извршниот комитет ја формираат управата на организацијата која ја раководи Претседател, кого го избира Генералното собрание за период од 4 години. Неговата улога е да заседава со ГС и ИК и да обезбеди активностите на ИНТЕРПОЛ да се во согласност со одлуките кои се донесени на овие состаноци.

Генералното собрание (ГС) е највисок орган кој го сочинуваат делегати назначени од секоја држава членка. ГС заседава еднаш годишно во различни места во светот и ги носи сите важни политички одлуки како и одлуки кои се однесуваат на ресурсите, работните методи, финансиите активностите и програмите на ИНТЕРПОЛ. ГС, исто така, го избира и Извршниот комитет. Генерално, ова тело носи одлуки со просто мнозинство во форма на резолуции. 

Извршниот комитет (ИК) е извршен орган на ИНТЕРПОЛ, кој има 13 членови избрани од Генералното собрание. Со ИК претседава претседателот на Организацијата избран исто така од ГС. Покрај претседателот, ИК го сочинуваат три потпретседатели и девет делегати. Членовите на ИК треба да потекнуваат од различни земји, при што треба да се води сметка за географската застапеност (чл.15 од Статутот на ИНТЕРПОЛ). Претседателот се избира на четири години со 2/3 мнозинство, а ако не се постигне мнозинство по второто гласање, доволно е и просто мнозинство. Потпретседателите се избираат на три години со просто мнозинство. Секоја држава има еден глас. Во вршење на своите должности сите избрани во ИК се сметаат за претставници на Организацијата а не претставници на своите земји. ИК се состанува најмалку еднаш годишно (чл.20 од Статутот на ИНТЕРПОЛ) а по правило два до три пати годишно.

Функции на ИК се (чл.22):

  • контрола на извршувањето на одлуките на ГС,

  • подготовка на дневниот ред на заседанијата на ГС,

  • поднесување предлози и програми за работа на ГС,

  • контрола на работата на генералниот секретар и

  • извршување други задачи кои му ги доверува ГС.

Генералниот секретаријат е лоциран во Лион, Франција и него го сочинуваат Генералниот секретар, административниот и техничкиот персонал на Секретаријатот.

Генералниот секретаријат работи 24 часа, 365 дена во годината на четири официјални јазици на организацијата: арапски, англиски, француски и шпански. Секретаријатот има шест регионални канцеларии во Аргентина, Брегот на Слоновата Коска, Ел Салвадор, Кенија, Тајланд и Зимбабве и Канцеларија за врски во ООН.

Секретаријатот е поделен на четири одделенија кои што покриваат административни работи, полициски работи, истражувања и техничка помош.

Со Секретаријатот раководи Генерален Секретар кој го именува Генералното Собрание за време од пет години со можност за реизбор. Генералниот секретар е всушност шеф на организацијата и е одговорен за дневната меѓународна полициска соработка и имплементација на одлуките на ГС и ИК.

Генералниот секретар и персоналот на Секретаријатот, според Статутот (чл.30), се независни од владите на државите што ги делегираат и не смеат да се советуваат со нив или да работат по нивни инструкции.

Обемот на работата на Секретаријатот е мошне широк и сложен и покрива различни активности: 

  • ги спроведува одлуките на ГС и ИК,

  • дејствува како меѓународен центар во борба против општиот криминал,

  • комуницира со националните и меѓународните органи и тела во однос на истражувањето на криминалот,

  • размена на документација и информации и

  • издавање оперативни, научни и стручни публикации итн.

Национални централни бироа (НЦБ) – преку нив се одвива сржта на операциите на ИНТЕРПОЛ. Владата на секоја држава членка е должна да именува едно постојано тело кое делува како средиште на сите комуникации на ИНТЕРПОЛ. НЦБ е претставник на организацијата во земјата членка и истовремено претставник на државата членка во организацијата. Секоја земја ги организира како посебни служби при министерствата за внатрешни работи или правда или како посебни самостојни тела. НЦБ обезбедува врска со:

- различни служби во својата земја,

- другите НЦБ и

- Генералниот секретаријат на организацијата.

НЦБ-ата ги спроведуваат одлуките на ИНТЕРПОЛ, поведуваат активности пред домашните полициски органи кои се од значење за меѓународната полициска соработка, прибираат и разменуваат документација и информации за извршители на казниви дела, ги канализираат оперативните откривачки активности на ИНТЕРПОЛ во соработка со други национални органи и други НЦБ, како и со службите на генералниот секретаријат, а помагаат и во остварување на други облици на соработка, како што е екстрадицијата и казнено-правната помош во судските предмети.

НЦБ служат како контакт точки за странски органи за олеснување на комплексноста на позитивните законски прописи низ институциите со кои треба да биде остварена соработка.

Советниците се експерти кои имаат советодавна улога за проучување на некои научни прашања (чл.34). Тие можат да бидат именувани од ИК и потврдени од ГС. Тоа се лица кои имаат меѓународна репутација и углед во некоја од областите кои се од интерес за Организацијата.

Трите основни функции на ИНТЕРПОЛ се:

А) Обезбедување на сигурни, глобални полициски сервиси за комуникација – преку својот информациски систем – I/24-7, ИНТЕРПОЛ им овозможува на своите земји членки, преку НЦБ-ата, размена на електронска пошта, користење на повеќе WEB сервиси, како и директен пристап до централните криминалистички бази на податоци.

Б) Обезбедување на користење на бази на податоцие-ASF (Automatic search facility) - ИНТЕРПОЛ менаџира повеќе бази на податоци кои на полициите ширум светот им даваат информации кои можат да помогнат во водењето истраги и превенција на криминалот. Базите на податоци содржат важни информации за лица, отпечатоци, ДНК профили, слики со детска потнографија, украдени/изгубени патни исправи, украдени моторни возила, украдени артефакти, сите достапни преку системот I/24-7.

В) Оперативна полициска поддршка – ИНТЕРПОЛ се обидува да ја унапреди улогата на НЦБ-ата и регионалните канцеларии прилагодувајќи ја работата на Генералниот Секретаријат кон нивните потреби, особено во оперативната активност во приоритетните подрачја на криминалот: јавна безбедност и тероризам, дрога и организиран криминал, трговија со луѓе, финансиски и компјутерски криминал и меѓународни потерници.

 

Соработката на Република Северна Македонија со ИНТЕРПОЛ

Република Северна Македонија стана членка на ИНТЕРПОЛ на Генералното собрание одржано во Аруба во 1993 година. Во согласност со член 32 од Уставот на ИНТЕРПОЛ е воспоставено и НЦБ ИНТЕРПОЛ Скопје.

Од 1993 година, Северна македонија преку НЦБ ИНТЕРПОЛ Скопје остварува соработка со сите 194 земји членки на ИНТЕРПОЛ, како и со Генералниот Секретаријат во Лион, согласно пропишаните стандарди за работа на оваа најголема меѓународна полициска организација. 

Во 2003 година НЦБ ИНТЕРПОЛ Скопје е систематизирано како посебно одделение при Секторот за меѓународна полициска соработка, Биро за јавна безбедност.

Од април 2003 година, НЦБ ИНТЕРПОЛ Скопје е директно поврзан со информацискиот систем I-24/7 на ИНТЕРПОЛ, преку кој се одвива размената на електронска пошта со другите НЦБ-а, како и користење на повеќе WEB – сервиси кои ги овозможува овој систем, меѓу кои директен пристап до централните криминалистички бази на податоци на ИНТЕРПОЛ и електронско распишување на меѓународни потерници.

НЦБ ИНТЕРПОЛ Скопје активно партиципира во хранењето на глобалните бази на податоци со информации за лица, возила, документи, уметнички предмети итн. 

Во рамки на одделението, работат полициски службеници по линии на криминал и тоа: потраги по моторни возила, недозволена трговија со дрога и оружје, недозволена трговија со луѓе и криумчарење мигранти, финансиски криминал, компјутерски криминал,  насилен криминал и тероризам, како и идентификација на лица и проверка на документи.

Оперативната соработка преку ИНТЕРПОЛ се одвива преку размена на полициски информации, сознанија и податоци, како и преку активно и континуирано учество на експерти од МВР во работните групи на ИНТЕРПОЛ.

Во соработка со Генералниот Секретаријат на ИНТЕРПОЛ, во Лион, Франција, Одделението НЦБ ИНТЕРПОЛ Скопје се вклучува во проекти, дава поддршка на заеднички истраги, разменува информации при спроведување на меѓународни операции иницирани од Генералниот Секретаријат на ИНТЕРПОЛ. На покана на Генералниот Секретаријат, претставници од МВР учествуваат на конференции, состаноци и семинари, на кои се разменуваат искуства, добри практики и се договараат идни активности за унапредување на меѓусебната соработка.