ЕВРОПОЛ, МИСИЈА И НАДЛЕЖНОСТ
ЕВРОПОЛ е организација на Европската Унија надлежна за спроведување на законот, која работи со криминалистичко-разузнавачки информации. Нејзина цел е подобрување на соработката помеѓу надлежните органи на земјите членки во спречувањето и борбата против организираниот и сериозен криминал и тероризмот. Согласно мандатот, ЕВРОПОЛ ги поддржува активностите за органите за спроведување на законот на земјите членки, најмногу во делот против:
Други главни приоритети на ЕВРОПОЛ се имотниот и финансискиот криминал, даночни измами, перење пари, кримчарење на цигари, и тоа кога е вклучена организирана криминална структура и кога се инволвирани две или повеќе држави.
Согласно услугите кои ги нуди ЕВРОПОЛ е
•центар за поддршка за спроведување на законот
•центар за информации за криминални активности
• центар за експертиза за спроведување на законот.
ЕВРОПОЛ ги има следниве основни задачи:
(а) собирање, чување, обработка, анализа и размена на податоци и разузнавачки информации;
(б) достава на известувања до надлежните органи на земјите членки за информации што ги засегаат и за сите откриени врски меѓу кривичните дела;
(в) помош за истраги во земјите членки, особено преку доставување на сите релевантни информации до националните единици;
(г) повикувања до надлежните органи на засегнатите земји членки да започнат, водат или координираат истраги и предлози за основање заеднички истражни тимови во посебни случаи;
(д) обезбедување разузнавачка и аналитичка поддршка на земјите членки во врска со големи меѓународни случаи;
(ѓ) подготовка на проценки на закани, стратешки анализи и извештаи за општи ситуации поврзани со неговата цел, вклучено проценки на закани од организиран криминал.
ЕВРОПОЛ ги има следниве дополнителни задачи:
(а) развивање на специјализирано познавање на истражните постапки на надлежните органи на земјите-членки и обезбедување совети за истраги;
(б) обезбедување стратешко разузнавање за помош и промовирање ефикасна и ефективна примена на ресурсите достапни на национално ниво и на ниво на ЕУ за оперативни активности и поддршка на овие активности.
(в) помош на земјите-членки преку поддршка, совети и истражување со спроведување обуки за членовите на нивните надлежни органи, организација и опрема за наведените органи преку помош во обезбедувањето техничка поддршка меѓу земјите-членки; информирање за методи за спречување на криминал и технички и криминалистички методи и анализа и истражни постапки.
ЕВРОПОЛ од 2005 година има улога на Централна канцеларија за борба против фалсификување на еврото.
Анализата е суштина на активностите на ЕВРОПОЛ. Околу 100 аналитичари за криминал, кои се меѓу најдобро обучените во Европа, користат најсовремени алатки за поддршка на истрагите од страна на органите за спроведување на законот во земјите-членки на дневна основа. За да се овозможат подлабоки согледувања за криминалот, ЕВРОПОЛ изработува редовни проценки кои нудат сеопфатни, прогресивни анализи за криминалот и тероризмот во ЕУ, вклучувајќи:
-
Проценка на заканите од организиран сериозен криминал во ЕУ (СОКТА), која ги идентификува и оценува новите закани и ја опишува структурата на организираните криминални групи (ОКГ) и начинот на кој тие дејствуваат, како и главните видови криминал што влијаат на ЕУ;
-
Извештај за состојбата и трендот на тероризмот во ЕУ (ТЕ-САТ), кој дава детален извештај за состојбата со тероризам во ЕУ;
-
Проценка за состојбите во областа на компјутрескиот криминал Internet Organised Crime Threat Assessment (iOCTA), во која се опфатени заканите и развојот на состојбите во компјутерскиот криминал.
-
Годишен преглед на ЕВРОПОЛ, во кој се наведени резултатите и конкретните информации за видовите на функции и системи кои ЕВРОПОЛ ги има на располагање, и тоа во форма на координирана поддршка за полициски операции низ цела Европа, а понекогаш и подалеку.
Преку овие извештаи и на други начини, ЕВРОПОЛ служи како експертски центар на ЕУ, обезбедувајќи централна платформа за експерти за спроведување на законот од земјите-членки. За да обезбеди ефикасен и координиран одговор, ЕВРОПОЛ формира голем број специјализирани тела и нарачани системи. Телата се:
• Оперативен центар на ЕВРОПОЛ, Europol’s operational centre, 24/7 центар за размена на податоци помеѓу ЕВРОПОЛ, земјите-членки на ЕУ и трети страни;
• Европски центар за компјутерски криминал, European Cybercrime Centre (EC3) кој има за цел да го зајакне одговорот на спроведувањето на законот против компјутерскиот криминал во ЕУ и на тој начин да помогне да се заштитат европските граѓани, бизниси и влади од интернет криминал;
• Оперативна група за акција за борба против компјутерски криминал Joint Cybercrime Action Taskforce (J-CAT) која ја води разузнавачката, координирана акција против клучните закани за компјутерски криминал и врвните цели преку стимулирање и олеснување на заедничката идентификација, приоретизирање, подготовка и иницирање на истраги;
• Европски центар за борба против тероризмот, European Counter Terrorism Centre (ECTC), оперативен центар и центар на експертиза, кој е централен дел од напорите на ЕУ за подобрување на нејзиниот одговор на тероризмот;
• Европски центар за криумчарење на мигранти, European Migrant Smuggling Centre (EMSC), кој ги поддржува земјите-членки на ЕУ во насочување и демонтирање на комплексни и софистицирани криминални мрежи вклучени во криумчарењето на мигранти;
• Координирана коалиција за интелектуална сопственост, Intellectual Property Crime Coordinated Coalition (IPC3), која е од централно значење за напорите на ЕУ да ја спречи кривата на криминалот со интелектуална сопственост во и надвор од ЕУ.
-
Европски Центар за Финансиски и економски криминал European Financial and Economic Crime Centre – EFECC е иницијатива на Европол во борбата против економскиот и финансискиот криминал. Тоа е оперативна платформа за поддршка на земјите-членки во тековните случаи во областите на даночен криминал , измама, корупција, перење пари, наплата на средства, фалсификување евра и криминал за интелектуална сопственост. Овој центар е формиран во јуни 2020 година за да се обезбеди на земјите-членки на ЕУ европска платформа за интегрирање и анализа на податоци за економски и финансиски криминал.
Специјализираните системи, кои нудат брзи и безбедни способности за складирање, пребарување, визуелизирање и поврзување на информации, сочинуваат една софистицирана алатка за борба против криминалот, кој вклучува:
• FIU.net, децентрализирана и софистицирана компјутерска мрежа која ги поддржува единиците за финансиско разузнавање (ФИУ) во ЕУ во борбата против перењето пари и финансирањето на тероризмот;
• Мрежа за безбедна размена на информации (СИЕНА), најсовремена платформа која ги задоволува комуникациските потреби на спроведувањето на законите на ЕУ;
• Платформа на ЕВРОПОЛ за експерти (EПE), безбедна, заедничка веб-платформа за специјалисти кои работат во различни полициски области;
• Европски информативен систем, референтен систем за прекршоци, лица кои се вклучени во нив и други сродни податоци.
Покрај соработката со земји членки на ЕУ, ЕВРОПОЛ соработува и со други надворешни партнери (земји или институции) со кои склучува Стратешки или Оперативни или Работни договори за соработка. Преку стратешките договори овозможена е размена на стратешки или технички информации, додека со Оперативните договори за соработка овозможена е размена и на лични и класифицирани податоци во врска со лица инволвирани во криминални активности во рамки на мандатот на ЕВРОПОЛ.
Секоја земја членка, покрај Националното Биро за врски во седиштето на ЕВРОПОЛ, (ELB - Europol Liaison Bureau) во чиј состав се назначени Офицери за врски, има назначено и Национално одделение за ЕВРОПОЛ (ENU - Europol National Unit ) во својата земја. Националното Одделение е единствена врска меѓу ЕВРОПОЛ и компетентните национални органи. Истите принципи и одговорности кои се применуваат на националните одделенија на земјите членки се подеднакво применливи и за Одделенијата поставени во секоја трета страна, како контакт точка со ЕВРОПОЛ за размена на информации во рамки на договор за соработка. Овие Одделенија се нарекуваат Национални контакт точки.
РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И ЕВРОПОЛ
Соработката помеѓу Северна Македонија и Канцеларијата за Европска Полиција - ЕВРОПОЛ е започната уште во 2007 година, на ниво на договорни односи за размена на стратешки и технички информации. Имено, Стратешкиот договор за соработка помеѓу Северна Македонија и ЕВРОПОЛ беше потпишан 16.01.2007 година (Сл. Весник на РМ 17/08). Со цел имплементација на Стратешкиот договор и создавање на услови за започнување на преговори за потпишување на Оперативен договор за соработка со ЕВРОПОЛ, со кој ќе се реализира оперативна соработка и размена на лични податоци, уште во 2008 година изработен беше Акциски план за имплементација на Стратешкиот договор и започнување на преговори за потпишување на Оперативен договор со ЕВРОПОЛ.
Акцискиот план за имплементација на Стратегискиот договор и започнување на преговори за потпишување на Оперативен договор со ЕВРОПОЛ беше усвоен на 133 Седница на Владата на Северна Македонија, одржана на 25.02.2008 година. Во текот на 2008 година целосно беа реализирани сите предвидени приоритети од истиот, меѓу кои:
1.Правен статус – Формирано е Одделение за ЕВРОПОЛ, како единствена контакт точка за размена на информации помеѓу ЕВРОПОЛ и надлежните органи од Северна Македонија.Имено, извршени се измени на подзаконските акти за систематизацијата на работни места и за организација на МВР (мај 2008);
2. Дефинирани се релациите на Националното Одделение за ЕВРОПОЛ со надлежните национални органи – Изработени и потпишани се Анекси на Протоколите за соработка со Царинската Управа и Управата за финансиска полиција од една страна, и МВР од друга страна во делот на соработка со ЕВРОПОЛ (Јули 2008);
3. Начин на размена на информации во меѓународните релации - Одделението за ЕВРОПОЛ е дел од Секторот за меѓународна полициска соработка - национален орган за меѓународна полициска соработка, односно е дел од формираната единствена контакт точка за размена на информации на меѓународен план како што тоа е структурирано во земјите на ЕУ -SPOC ( Single Point Of Contact)
4. Внатрешни работни процедури- Донесен е Правилник за постапување на Одделението за ЕВРОПОЛ во извршувањето на работите и работните задачи од делокруг на негова надлежност, како и Прирачник за постапување на Одделението за ЕВРОПОЛ (февруари 2009); Правилникот за постапување на Одделението за ЕВРОПОЛ беше донесен во период кога во сила беше Стратешки Договор за соработка со ЕВРОПОЛ, така што во 2015 извршено е допрецизирање на новиот начин на постапување при размена на лични податоци и изработен е нов текст на Правилник за постапување.
Правилникот за постапување на Одделението за ЕВРОПОЛ и реализирање на соработката со ЕВРОПОЛ (13.1.1 -25464/1 ) влезе во сила од 20.04.2016 г.. Со овој Правилник се пропишува постапувањето на Одделението за ЕВРОПОЛ во СМПС во извршување на работите и работните задачи од делокруг на негова надлежност и постапувањето на надлежните национални органи во делот на соработката со ЕВРОПОЛ, односно соработка и постапување на Одделението по барања доставени од ЕВРОПОЛ и националните надлежни органи, размена на лични податоци, системи на означување, меѓународни односи, пристап до национални бази на податоци, информатичка поврзаност, информациски систем на ЕВРОПОЛ и организација на аналитичката работа на ЕВРОПОЛ.
5. Безбедносни правила, класифицирани информации и доверливост – 2010 година воспоставен е Подрегистар за класифицирани информации во Одделението за ЕВРОПОЛ кој мора да ги исполнува условите за административна, физичка, персонална и информатичка безбедност.
Еден од клучните приоритети на Министерството за внатрешни работи во контекст на процесот на пристапување во ЕУ, содржан и во Националната програма за усвојувањето на правото на ЕУ, беше склучување на Договорот за оперативна и стратешка соработка помеѓу Република Северна Македонија и ЕВРОПОЛ. (Сл. Весник 172/11 од 14.12.2011) Со влегувањето во сила на Договорот, интензивирани се оперативните и продолжија со несмален интензитет стратешките активности за поголема застапеност и учество на Северна Македонија во активностите на ЕВРОПОЛ со цел користење на услугите, продуктите на ЕВРОПОЛ од страна на надлежните органи во Северна Македонија .
Инаку, на 1.5.2017 г. стапи во сила новата правна рамка за ЕВРОПОЛ – Регулатива за ЕВРОПОЛ, со која јакне мандатот на ЕВРОПОЛ, на начин кој ќе овозможи целосна екипираност за справување со прекуграничниот криминал и терористичките закани. Со новите овластувања се унапредува способноста на ЕВРОПОЛ да делува како центар за собирање и слевање на информации на ниво на ЕУ, во борбата против тероризмот и сериозен и организиран криминал. Една од новините, утврдени во новата правна рамка е ажурирање на мандатот на ЕВРОПОЛ, во делот на кривични дела од негова надлежност (уредено во Анекс 1 од Регулативата). Од таа причина, ЕВРОПОЛ започна хоризонтален процес на ажурирање на договорните односи со оперативните партнери за соработка, вклучително и со Северна Македонија, во делот на формите на криминал кои ќе бидат надлежност на ЕВРОПОЛ. Измените на Договор за оперативна и стартешка соработка се извршени по пат на размена на писма во номеври 2017 година.
Почнувајќи од 01.07.2015 година, Северна Македонија за прв пат отвори Биро за врски во седиштето на ЕВРОПОЛ, во Хаг-Холандија. Имено, од наведениот датум упатен е во ЕВРОПОЛ Офицер за врска од Северна Македонија .
ИНФОРМАТИЧКА ПОВРЗАНОСТ
Заради безбедна размена на информациите од оперативен и стратешки карактер, Северна Македонија и ЕВРОПОЛ склучија Меморандум за разбирање за воспоставување на безбедна комуникациска врска помеѓу Северна Македонија и ЕВРОПОЛ и Билатерален договор за поврзување на компјутерски мрежи и тоа
1. 28.10.2008 -Потпишан Меморандум за разбирање за воспоставување на безбедна комуникациска врска и NEUS опис на мрежа - технички документ во врска со Меморандумот (за стар линк)
06.02.2009 -Воспоставен безбеден комуникациски линк
02.06.2010- Започнати преговори за потпишување на нов МзР и Билатерален Договор за компјутерски мрежи .Текстовите за овие документи беа усогласени 2010, 2011 година но со оглед на неусогласените позиции во однос на употребата на името на нашата земја, следеа дипломатски активности за финализирање на постапката за нивно потпишување.
01.05.2012 – МзР стапи во сила
2. 24.10.2013–Директно поврзување со апликацијата за безбедна размена на информации и анализа на мрежи на ЕВРОПОЛ - СИЕНА, по спроведена обука во периодот од 22/24.10.2013 година во просториите на МВР. СИЕНА (Secure Information Exchange Network Application ) е апликација на ЕВРОПОЛ односно алатка за сигурна размена на информации која ја олеснува размената на оперативни и стратешки информации поврзани со криминалот помеѓу земјите членки на ЕВРОПОЛ, ЕВРОПОЛ и третите партнери на ЕВРОПОЛ.
На 14.08.2015 година Билатералниот Договор беше сменет со Билатерална Техничка Спецификација. Имено, имајќи ја предвид административната природа на Билатералниот Договор кој ги детализира техничките параметри потребни за имплементација на Оперативните и Стратешки договори за соработка и Меморандуми за разбирање, ЕВРОПОЛ предложи заменување на процедурата за потпишување со електронска емаил нотификација, како и замена на терминот Билатерален Договор со термин Билатерална Техничка Спецификација.
Воедно беа извршени измени на член 4 од Меморандумот за разбирање , по пат на размена на писма, како воспоставена практика на потпишување. Директорот на ЕВРОПОЛ го потпиша првото писмо за размена на 18.03.2016, Министерот за внатрешни работи го потпиша второто писмо за размена на 18.04.2016. Меморандумот за разбирање стапи во сила 01.05.2016 година.
Покрај Одделенето за Европол како национална контакт точка, СИЕНА апликацијата од 2019 г. е достапна и до ФАСТ единицата во СМПС, а на 10.06.2020 воспоставена е СИЕНА во ОСОСК, Оддел за борба против тероризам и насилен екстремизам.
ОПЕРАТИВНИ АКТИВНОСТИ
Потпишувањето на оперативниот договор за соработка и воспоставувањето на СИЕНА безбедниот канал за размена на информации овозможија интензивирање на оперативната соработка со ЕВРОПОЛ, земјите членки на ЕВРОПОЛ и третите партнери за соработка.
Воедно, со потпишувањето на оперативниот договор овозможена е поефикасна оперативна соработка и директно учество во аналитичките работни досиеја на ЕВРОПОЛ (AWF - Analysis Work File). АРД се системи за обработка на информации за конкретни криминални области кои се поврзани по криминални области а оперативно подржани од страна на ЕВРОПОЛ.
Потпишани и во сила се Договорите за пристапување, односно учество на МВР во вкупно девет контакт точки (или согласно новата регулатива на ЕВРОПОЛ аналитички проекти) од кои шест од работното досие за анализа за организиран и сериозен криминал и три од Работното досие за анализа за борба против тероризам.
За одбележување е учеството во 2013 на Северна Македонија, како единствена трета земја во Заеднички истражен тим (JIT) со Австрија, Германија и Холандија за сузбивање на недозволена трговија со хероин, во кој учествуваа и ЕВРОПОЛ и Евроџаст во рамки на нивните надлежности, а координацијата на барањата и размената на информации, исто така се одвиваше преку СМПС-Одделение за ЕВРОПОЛ.
EMPACT (EUROPEAN MULTIDISCIPLINARY PLATFORM AGAINST CRIMINAL THREATS) ЕВРОПСКА МУЛТИДИСЦИПЛИНАРНА ПЛАТФОРМА ПРОТИВ ЗАКАНИ
Во 2010 година ЕУ воспостави повеќегодишен циклус на политики, чија цел е да се осигура дека во борбата против меѓународниот сериозен и организиран криминал постои ефективна соработка помеѓу органите надлежни за спроведување на законот на земјите-членки на ЕУ, институциите на ЕУ, агенциите на ЕУ и релевантни трети партнери; со што ќе се испорача кохерентно и сеопфатно оперативно делување, насочено кон најкритичните криминални закани со кои се соочува ЕУ.
Циклусот на политики се состои од четири клучни чекори:
1. чекор: SOCTA (Serious and Organised Crime Threat Assessment) - Проценка за закана од сериозен и организиран криминал, создадена од страна на ЕВРОПОЛ, со која се понудија пакет на препораки, засновани темелни анализи на главните закани од криминалот со кои се соочува ЕУ. Советот за правда и внатрешни работи ги користи овие препораки за да ги дефинира приоритетите за наредните четири години.SOCTA има клучна улога во циклусот на политики. Од стратешки приоритети преку оперативно делување, таа треба да осигура пристап заснован на разузнување, кој што треба да претставува основа за борба против главните криминални закани, со кои се соочува ЕУ. При подготовката на SOCTA, Европол анализира трендови и примери во посточеките криминалистички податоци, но исто така оди понатаму, преку снимање на опкружувањето и другите фактори, кои ќе влијаат на криминалот во наредните четири години од циклусот на политики. Тоа ја дава основата за основано предвидување од идните закани кон внатрешната безбедност.Анализите, кои го помагаат развивањето ан приоритетите, исто така го поддржуваат оперативното делување.
2. чекор: MASP (Multi-Annual Strategic Action Plans) – повеќегодишни стратешки акциски планови изработени согласно приоритетите, со цел да се дефинираат стратешките цели за борба против секоја приоритетна закана.
3. чекор: EMPACT (European Multidisciplinary Platform against Criminal Threats) – Европска мултидисциплинарна платформа против закани – Во рамки на овие проекти се изработуваат оперативни акциски планови (ОАП) за борба против приоритетните закани.
4. чекор: Контрола и проценка – ефективноста на ОАП и нивното влијание врз приоритетните закани е контролирано од страна на Комитетот за внатрешна безбедност на Советот на ЕУ - COSI .
SOCTA ги даде основите, врз основа на кои Советот на ЕУ ги усогласи приоритетите во областа на сериозниот и организиран криминал. Секој од наведените приоритети е преточен во MASP (Multi-Annual Strategic Action Plans) – повеќегодишни стратешки акциски планови, со кои се дефинираат стратешките цели кои треба да се постигнат.
Со цел постигнување на овие стратешки цели, иницирани се Оперативни Акциски Планови и EMPACT проекти, со цел да се координираат активностите на земјите-членки и организациите на ЕУ против идентификуваните закани.
На 27.03.2017 Советот на ЕУ одлучи да се продолжи со активностите во борбата против организираниот и серизоен криминал за периодот 2018-2021 год. во рамки на EU Policy Cycle .
EMPACT проекти за овој период се :
Компјутерскиот криминал
Недозволената трговија со дрога
Посредување при вршење илегална миграција
Организираниот имотен криминал
Трговија со луѓе
Измами од областа на акцизи и даночни затајувања
Недозволената трговија со оружје
Криминалот со животната средина
Финансиски криминал и перење пари
Измами со документи
Почнувајќи од 2015 г. Северна Македонија учествуваше во заедничките оперативни денови (JAD) на оперативните акции во рамки на EMPACT (European Multidisciplinary Platform Against Criminal Threats) при што преку Одделението за ЕВРОПОЛ, со користење на СИЕНА безбедната комуникациска врска, беа координирани активностите за реализација на операциите и се одвиваше размена на оперативните информации помеѓу центрите за оперативна координација во ЕВРОПОЛ, Националните координативни центри и државите учеснички во Операцијата.
Координацијата на Оперативните акции се одвива на две нивоа- Координативен Регионален Оперативен Центар во ЕВРОПОЛ, и Национални координативни Центри, каде учествуваат преставници од соодветните организиациони облици, при што СМПС, Одделение за ЕВРОПОЛ, преку СИЕНА апликацијата врши брза безбедна размена на оперативните информации
2015
-
1-3.6.2015 г. - ОPERATION BLUE AMBER - HIT 2, нелегалната трговија со возила
-
23-24.6.2015г.- ОPERATION BLUE AMBER –SIROCCO, криумчарење на мигранти
-
21-25.9.2015 г. - заеднички денови за делување (Joint Action Days - JAD), во рамки на Операцијата BLUE AMBER со кои беа опфатени активности за сузбивање на криминални групи кои делуваат во различни криминални области, како борба против трговијата со дрога, оружје и илегалната миграција.
-
30.9.2015 до 4.10.2015 г. - BLUE AMBER – FIREARMS OA 2.1 за огнено оружје во Западен Балкан.
2016
-
21-22.06.2016 - „OPERATION BLUE AMBER-SIROCCO 2” – илегална миграција
-
10.2016 - Операција AVALA - илегална миграција
-
12-13. 10 2016 “LARGE SCALE JAD CICONIA 2016”, трговија со луѓе и илегална миграција
2017
-
27/29.1.2017 - Операција JAD 2016 „Western Balkan Action Day 2016", нелегална трговија со оружје
-
11/13.10.2017 г. JAD Dragon, илегална миграција и трговија со луѓе
-
11.2017 - TECUM - заедничка борба против криминалот во животната средина
-
17/19.11.2017 г., - JAD Firearms CALIBRE, нелегална трговија со оружје.
2018
-
11./22.06.2018 г. - JAD Danube III, илегална миграција
-
06/09.09.2018 г. - JAD 2018 Western Balkan Firearms, Illegal Migration, Drugs and Document Fraud, нелегалната трговија и криумчарење на оружје и муниција, илегална миграција, недозволена трговија со дрога и измами со документи
-
10-14.9.2018 г. и 19-23.11.2018 г..- ОПЕРАЦИЈА VIA DIAGONALIS – недозволена трговија со дрога
-
24.09-05.10.2018 г. - JAD MOBILE 2018, илегална миграција, фалсификувани документи
2019
-
Март, Април - EEL – LICIT 2 – трговија со загрозени животни и растенија
-
27.06. / 08.07.2019 г. - JAD Danube IV – илегална миграција, измами со документи
-
05/08.09.2019 г. - 2.1,, Western Balkan Action Day-2019,, (JAD) -спречување на нелегалната трговија и криумчарење на оружје и муниција, недозволена трговија со дрога и илегална миграција,
-
23.9-4.10.2019 г. - JAD Mobile 2 - криминал со моторни возила, особено криумчарењето на украдени моторни возила, делови од возила и придружниот криминал со измами со документи.
-
25-28.11.2019 г.- JAD ARMSTRONG VI - трговија со оружје во ЕУ преку брзи пратки и поштенски пратки
Во периодот 05-06.06.2019 година во хотелот Холидеј Ин во Скопје се одржа дводневна работилница на тема “Циклус на политики на ЕУ”. Настанот беше организиран од страна на Министерството за внатрешни работи со финансиска подршка на Инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија- TAIEX. На обуката свои презентации на темата имаа експерти од ЕК, Советот на ЕУ, ЕВРОПОЛ, Федерално МВР на Австрија, а учество земаа претставници од Секретаријатот на Виенската Полициска Конвенција, Министерството за внатрешни работи, Царинската Управа и Управата за Финансиско разузнавање.
2020
-
Операција Retrovirus - Собирање, транспорт, управување и располагање со санитарен отпад кој потекнува од центрите за здравје, но и други објекти кои се задолжени за постапување во врска со пандемијата, согласно меѓународната, ЕУ и национална легислатива;
-
Операција Отпад - Нелегални одлагања на отпад на Балканот и можна вмешаност на ЕУ земји или трети земји;
-
Операција SHIELD- Фалсификување и пиратерија на производи и трговија со хормонални супстанци преку веб-страници, продавачи од платформи за е-трговија, форуми, социјални мрежи или продавачи од длабоката мрежа (deep web);
-
Операција Endurance -Криминалитет со домени поврзани со пандемијата на COVID-19 со откривање на новорегистрираните домени отворени за криминални цели;
-
Referral Action Day (RAD)- Откривање на терористички содржини преку Интернет, како да се подготват и извршат терористички напади, како да се селектираат цели на напад, како да се употреби оружје и да се направат бомби;
-
JAD WB EU IRU - Интернет џихадистичка пропаганда на јазиците од земјите од Западен Балкан со цел да се детектираат џихадистички пропагандни мрежи произведени и/или насочени кон земјите од Западен Балкан, дистрибуирани на јазиците на земјите од Западен Балкан,
-
JAD Југоисточна Европа - Недозволена трговија со огнено оружје и дрога, илегална миграција;
-
JAD Mobile 3 – Прекуграничен криминал со моторни возила, илегална миграција и фалсификување документи;
-
Операција Armstrong VII - сузбивање на недозволената трговија со оружје преку брзи пратки и поштенски услуги;
-
Операција Bosphorus -предвидена активност во рамките на EMPACT Firearms 2020 OAP 2.1. со која таргет беа гасни/сигнални пиштоли од Турско производство.
-
JAD Danube 5 -Фалсификување на документи, Илегална миграција и Криумчарење на мигранти.