На иницијатива на Секторот за полициски работи од општа надлежност – Оддел за униформирана полиција, а во координација со Одделенијата за превенција, Одделенијата за полиција и Одделенијата за криминалистичка полиција при Секторите за внатрешни работи, од месец февруари започнаа активности кои во текот на месец март прераснаа во кампања посветена на жената, за превенција и заштита од родово базирано и семејно насилство, под мотото „Има помош за живот без насилство“.
Целта на кампањата е спроведување на превентивни активности насочени кон информирање на граѓаните за механизмите за пријавување на насилство, поттикнување на навремено реагирање и рана интервенција, заштита на ранливите категории граѓани, како и унапредување на меѓуинституционалната соработка и подигнување на јавната свест за превенција и заштита од родово базирано и семејно насилство.
Во рамки на кампањата се реализираат повеќе превентивни активности, меѓу кои дистрибуција на информативни и едукативни печатени материјали, поставување постери на јавни и фреквентни места, организирање јавни трибини и тркалезни маси со претставници на институции и локалната заедница, како и спроведување информативни разговори со граѓани со цел нивно информирање за начините на препознавање и пријавување на насилството, како и за механизмите за заштита.
Со спроведувањето на овие активности, Министерството за внатрешни работи продолжува со проактивен пристап во превенцијата и сузбивањето на родово базираното и семејното насилство, со посебен акцент на заштитата на жртвите, јакнење на довербата на граѓаните во институциите и создавање побезбедна и посигурна заедница за сите граѓани.