Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Превентивно едукативни активности на СВР Охрид, Велес, Штип и Скопје

Превентивно едукативни активности на СВР Охрид, Велес, Штип и Скопје

 

Во рамки на континуираните превентивни активности, полициските служби од СВР Охрид, СВР Велес, СВР Штип и СВР Скопје реализираа повеќе едукативни и превентивни настани со цел унапредување на безбедносната култура кај граѓаните.

Отсекот за превенција при СВР Охрид отпочна со реализација на проектот „Мојот пријател полицаец“, во чии рамки полициски службеници ги посетија децата од предшколска возраст во детската градинка „Јасна Ристеска“ во Охрид. Преку проактивна и на возраст прилагодена комуникација, на најмладите им беше објаснета улогата на полицијата во општеството, значењето на безбедноста и почитувањето на сообраќајните правила, како и беше извршена презентација на дел од полициската опрема. Целта на проектот е приближување на полицијата до децата, развивање чувство на доверба и прифаќање на полицијата како нивен пријател, како и градење на нивната безбедносна култура. Проектот ќе продолжи да се реализира и во останатите детски градинки на подрачјето на СВР Охрид.

Истовремено, денеска (31.01.), Отсекот за превенција при СВР Велес реализираше превентивно-едукативни активности во општините Градско и Росоман, насочени кон заштита од имотни деликти и измами. На повеќе локации беа остварени едукативни средби со граѓаните, при што беше укажано на потребата од зголемена внимателност и на начините за заштита од кражби, измами и различни форми на насилство, со посебен акцент на повозрасната популација. Во рамки на активностите беа поделени и печатени едукативни материјали.

Исто така, денеска (31.01.) во централното градско подрачје на Штип, Отсекот за превенција при СВР Штип во содејство со полициски службеници од ПС за безбедност на патниот сообраќај Штип реализираше едукативна сообраќајна кампања од оперативната акција „Безбеден сообраќај“, под мотото „Користи зимска опрема“ и „Паркирај совесно – паркирај одговорно“. Преку директни средби со возачите беа поделени летоци и им беше укажано на значењето од поседување задолжителна зимска опрема во возилата, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.

Во рамки на истите кампањи за унапредување на сообраќајната култура, на 31.01.2026 година, на подрачјето на ПО Мирковци, на магистралниот пат Скопје–Блаце, кај спортскиот аеродром Стенковец, беше реализирана сообраќајна превентивна активност наменета за возачите, согласно кампањата „Користете зимска опрема“. Активноста беше организирана од страна на Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), со цел подигнување на безбедносната свест за одговорно и безбедно учество во сообраќајот. Притоа, на возачите им беше поделен едукативен материјал во форма на летоци со практични совети за безбеден сообраќај.

Мени за пристапност