Денеска (18.05.2026), полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес на територија на општина Градско и во селата Ногаевци и Виничани спроведоа превентивна активност на тема „Внимавај, телефонски измами“. Активноста беше реализирана со цел да се информираат и едуцираат граѓаните за опасностите од телефонските измами, како да се препознаат и да не дозволат да бидат жртви на овој вид измами. Во непосредна комуникација на граѓаните, особено на повозрасната популација, им беше укажано дека најчест вид на измами се оние кога непознати лица ги доведуваат во заблуда дека нивни блиски се жртви на сообраќајни несреќи, се претставуваат како полициски службеници, лекари, адвокати и им бараат одредена сума на пари за да се изврши операција или пак за ослободување од кривичен прогон на членови на нивните семејства. Во рамки на превентивните активности беше поделен печатен едукативен материјал. СВР Велес апелира граѓаните да бидат внимателни, да не наседнуваат на овој вид на измами и да бидат внимателни при комуникација со непознати лица, а секој сомнителен случај да го пријават во полициска станица.
На 18.05.2026, Одделението за превенција при СВР Скопје организираше работни средби со претставници од Сектор за образование на општините Кисела Вода, Сарај и Чаир. На работните средби е договорено до завршување на училишната година да се реализираат средби со Совет на родители во основните училишта на кои заеднички ќе се разговара за реалните проблеми кои се карактеристични за секое училиште поединечно, на кои ќе бидат запознаени родителите и за превентивните активности кои се реализирани поединечно и заеднички, како и за превентивните активности кои ќе следат, а се однесуваат на превенција од насилство, зависности, игри на среќа, малолетничка деликвенција и семејно насилство со цел спречување на насилство преку организирани тепачки помеѓу групи на деца. Дополнително, ќе се разговара и за полуматурските прослави запознавајќи ги родителите со позитивната законска регулатива.