Денеска (15.05.2026) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес на подрачје на Велес реализираа превентивна активност на тема „Внимавај, телефонски измами“, при што на граѓаните од повозрасната популација им беше укажувано на каков начин се вршат телефонските измами, а им беа дадени и совети како да не станат жртва на измама. Во рамки на активноста на граѓаните им беа поделени и печатени едукативни материјали. Исто така и полициски службеници од ПС БПС Велес, реализираа превентивна активност „Не заборавајте сите сме пешаци, бидете одговорни во сообраќајот“, насочена кон пешаците и возачите. Целта на активноста е да се влијае на зголемување на нивото на сообраќајната култура преку потсетување на сообраќајните правила, прописи и обврски за внимателно и одговорно учество во сообраќајот и внимателно возење во близина на пешачки премин, како клучни фактори за безбедноста на најранливата категорија на учесници во сообраќајот-пешаците. На пешаците им беше потенцирано дека улицата треба да ја преминуваат единствено на обележан пешачки премин, при тоа да не користат слушалки и мобилни телефони, да бидат внимателни, особено во вечерни часови кога се движат на неосветлени локации.
Во Штип пак, полициски службеници од СВР Штип спроведоа превентивна активност за правилно паркирање. Во рамки на активностите беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност Скопје.
Во Пробиштип пак, од страна на полициски службеници од ОВР Пробиштип при СВР Штип, реализирани се превентивни активности за спречување на пожари и незаконска сеча на дрва. Полициските службеници во разговор со граѓаните укажуваа на потребата од максимална совесност и грижа за шумскиот фонд. Исто така, на граѓаните им беше укажано дека незаконското сечење на дрва и предизвикувањето пожари се кривични дела, кои соодветно законски се санкционираат. На граѓаните им беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со ЈП „Национални шуми“.