Денеска (19.05.2026) полициски службеници од ОВР Неготино спроведоа превентивна активност на тема „Заштита од измами“. Во рамки на активноста граѓаните беа запознаени со опасностите од телефонските измами, укажувајќи им дека најчест вид на измами се оние кога непознати лица ги доведуваат во заблуда дека нивни блиски се жртви на сообраќајни несреќи, лажно се претставуваат и им бараат одредена сума на пари за да се изврши операција или пак за ослободување од кривичен прогон на членови на нивните семејства.
Исто така, граѓаните беа предупредени да не отвораат и сомнителни пораки со содржина за наводни сообраќајни прекршоци регистрирани од системот „Безбеден град“, со упатства преку кои жртвите се наведуваат да ги остават своите лични податоци и банкарски сметки. Во рамки на превентивните активности беше поделен печатен едукативен материјал.
На 19.05.2026 во општинското основно училиште „Песталоци“ на подрачје на општина Центар беше спроведена сообраќајна превентивно-едукативна активност со ученици од второ одделение, а во насока на едукација за улогата на пешаците во сообраќајот и други компоненти кои ја градат сообраќајната култура кај децата од таа возраст.
Притоа, на децата им беа објаснети основните сообраќајни поими, правила и прописи, како и улогата на полицискиот службеник во сообраќајот, адаптирано на нивна возраст. Одделението за превенција при СВР Скопје денеска одржа и работни средби со претставници од Сектор за образование на општина Аеродром на која е договорено до завршување на училишната година да се реализираат средби со Совет на родители во основните училишта на кои заеднички ќе се разговара за реалните проблеми кои се карактеристични за секое училиште поединечно, на кои ќе бидат запознаени родителите и за превентивните активности кои се реализирани поединечно и заеднички, како и за превентивните активности кои ќе следат, а се однесуваат на превенција од насилство, зависности, игри на среќа, малолетничка деликвенција и семејно насилство со цел спречување на насилство преку организирани тепачки помеѓу групи на деца.
Денеска, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Пробиштип реализираа превентивни активности на тема „Паркирај совесно паркирај одговорно“ и „Сите сме пешаци“. Основната цел на активноста беше зголемување на сообраќајната култура, со цел максимално почитување на сообраќајните правила и прописи, како и зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните. Додека, во Берово полициски службеници од ОВР Берово реализираа превентивна активност „Заштита од пожари“, при што во разговор со граѓаните укажуваа на потребата од максимална совесност и грижа за шумскиот фонд. И за време на овие активности на граѓаните им беше поделен печатен едукативен материјал.