Денеска (19.06.2026), полициски службеници од Полициско одделение за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Неготино на неколку локации во Неготино реализираа сообраќајна превентивна активност на тема „Не заборавајте сите сме пешаци, бидете одговорни во сообраќајот“.
Главен акцент на активноста беше ставен на пешаците како активни учесници во сообраќајот, односно дека и тие имаат обврска да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Особено им беше потенцирано дека улиците треба да ги преминуваат единствено на обележани пешачки премини и притоа да не користат слушалки и мобилни телефони, да бидат внимателни особено во вечерни часови кога се движат на неосветлени локации.
Додека, пак, полициски службеници од Полициско одделение за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Кавадарци реализираа превентивна активност на тема „Последици од управување технички неисправно возило“. Притоа, во разговори со граѓаните беше потенцирано дека е особено важно редовно одржување на техничка исправност на возилата.
Во рамки на превентивните активности беше поделен печатен едукативен материјал изработен во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност Скопје. На 19.06.2026 година на булевар „Борис Трајковски“ во Скопје, Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата спроведе едукативно - превентивна активност „Безбедно на тротинет и велосипед“. Во непосредна комуникација со корисниците на велосипеди и електрични тротинети укажано е на потребата од целосно почитување на сообраќајните правила и прописи, а им беа поделени и летоци со едукативна содржина, подготвени од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.
Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со ЈП „Јасен“ на место викано „Кула“ на патот Скопје - Македонски Брод спроведе превентивна активност за заштита на шумскиот фонд од пожари. За време на активноста на минувачите им беше поделен едукативен материјал и беше потенцирано ако забележат пожар на отворено веднаш да пријават на 112.