Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Превентивни активности за спречување насилство и зависности и зголемување на безбедноста во сообраќајот

Превентивни активности за спречување насилство и зависности и зголемување на безбедноста во сообраќајот

Денеска (07.10.2026) во Велес, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес реализираа превентивна активност  „Кажи не на дрогата“. Целта на активноста беше да се укаже, посебно на младата популација,  за штетните последици од болестите на зависност, како и начините и методите кои што треба да се користат во справувањето со овој вид на девијантни појави. По повод одбележување на Детската недела, ученици од ООУ „Пере Тошев“ од Росоман, денеска во просториите на ОВР Кавадарци имаа можност да се запознаат со професијата полициски службеник, односно кое е нејзиното значење за безбедноста на граѓаните. Исто така, им беа презентирани и дел од техничките средства, опремата и возилата што полициските службеници ги користат во рамки на извршувањето на полициските задачи.  

На подрачје на Велес беше реализирана и превентивна активност за заштита од кражби и измами, со цел граѓаните да се запознаат со начините за зголемување на нивото на нивната лична и имотна сигурност, како и сообраќајна превентивна активност на тема „Паркирај совесно, паркирај одговорно“, во рамки на која на возачите им беше потенцирано, дека правилното паркирање на возилата е од исклучително значење за индивидуалната и општа безбедност во сообраќајот.

Во ОУ „Славко Лумбарко" во општина Новаци полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Битола им објаснуваа на децата како да се движат во сообраќајот, односно безбедно да стигнат од училиштето до дома и обратно. Превентивни активности за безбеден сообраќај беа реализирани и во Кочани, Делчево и Штип, со акцент на последиците што може да настанат доколку се управува возило под дејство на алкохол или се користи мобилен телефон при возење.  Беше потенцирана и потребата возилата да бидат технички исправни и редовно сервисирани.  

Во Виница пак, полициски службеници од Полициската станица Виница реализираа превентивна активност за спречување на семејно насилство, во рамки на која граѓаните се запознаа со мерките за заштита при постоење на семејно насилство, но и за начините како да се препознае психолошко насилство и што можат да сторат  доколку се најдат во ситуација да бидат сведоци на одреден вид насилство, охрабрувајќи ги ваквите настани да ги пријават во полициска станица или на бројот 112.

Мени за пристапност