Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Превентивни активности за спречување насилство и пожари и зголемување на безбедноста во сообраќајот

Превентивни активности за спречување насилство и пожари и зголемување на безбедноста во сообраќајот

Денеска (18.09.2026) во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци реализираа превентивна активност „Не биди нем сведок“. Во непосредна комуникација, граѓаните беа информирани за појавите на семејно насилство и мерките за заштита при постоење на семејно насилство, но и за начините како да се препознае психолошко насилство и насоки за тоа што можат да сторат  доколку се најдат во ситуација да бидат сведоци на насилство. Полициски службеници од ОВР Неготино спроведоа превентивна активност „Полицијата поблиску до граѓаните“, при што со локалното население беа споделени совети за зголемување на нивото на лична и имотна сигурност, а беше потенцирана и неопходноста од взаемната соработка и довербата помеѓу локалната заедница и полициските службеници, создавајќи подобра комуникација, додека во Демир Капија беше реализирана превентивна активност за безбедно пристигнување и заминување на учениците до и од училиштата.

Полициски службеници од ПС Ресен и СВР Битола по повод „Европската недела на мобилност“, што се одбележува од 16 до 22 септември, реализираа превентивни активности со граѓаните во Ресен и Битола, со цел зголемување на нивото на сообраќајна култура, како и почесто користење на алтернативни превозни средства.

Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово и ПС БПС Кочани во ОУ „Кочо Рацин" во с.Брвеница и ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Кочани реализираа едукативни предавања за децата од прво одделение, на кои стручно обучени полициски службеници им објаснуваа како да се движат во сообраќајот, односно безбедно да стигнат од училиштето до дома и обратно. Полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје на подрачје на Кисела Вода и Аеродром реализираа превентивни активности насочени кон возачите на мотоцикли, електрични тротинети и велосипеди, при што возачите беа потсетени на правилата и обврските за внимателно и одговорно учество во сообраќајот, особено за обврската за носење заштитен шлем. Исто така, Одделението за превенција при СВР Скопје во општина Сопиште реализира превентивни активности во насока на заштита на шумите од бесправна сеча и пожари. На граѓаните им беше укажано дека незаконското сечење на дрва и предизвикувањето пожари се кривични дела, кои соодветно законски се санкционираат, а им беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со ЈП „Национални шуми“.

Полициски службеници од ПС Делчево пак, во ООУ „Св. Климент Охридски“ во Делчево одржаа едукативна работилница на тема „меѓуврсничко насилство-булинг и сајбер булинг“. Децата беа запознаени со последиците што можат да настанат од ваквото девијантно однесување односно начините како тоа да се спречи.

Мени за пристапност