Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Превентивни активности за безбеден сообраќај и спречување на бесправна сеча, пожари, имотни деликти и зависности

Превентивни активности за безбеден сообраќај и спречување на бесправна сеча, пожари, имотни деликти и зависности

Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово, ПС БПС Штип и ПС Виница денеска (17.09.2026) во ОУ „Лирија" во Тетово, ООУ „Тошо Арсов“ во Штип и ООУ „Гоце Делчев“ во Виница реализираа едукативни предавања за децата од прво одделение, на кои стручно обучени полициски службеници им објаснуваа како да се движат во сообраќајот, односно безбедно да стигнат од училиштето до дома и обратно. Полициски службеници од ПС БПС Велес учествуваа на работилница по повод „Европската недела на мобилност“, што се одбележува од 16 до 22 септември, при што на учениците од четврта година од средните училишта во Велес им беа дадени совети за безбедно учество во сообраќајот, зголемување на нивото на сообраќајна култура, како и почесто користење на алтернативни превозни средства. Исто така во Велес, но и на подрачје на Чашка, на граѓаните им беше потенцирана важноста од редовното одржување на техничката исправност на возилата, како важен предуслов за безбедно учество во сообраќајот, како и обврската за користење на сигурносен појас, која се однесува како за возачите, така и за сопатниците во возилата. Во Свети Николе и Кочани превентивните активности беа насочени кон безбедноста на пешаците. Полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје на подрачје на Ѓорче Петров реализираа превентивни активности насочени кон возачите на мотоцикли, електрични тротинети и велосипеди, при што возачите беа потсетени на правилата и обврските за внимателно и одговорно учество во сообраќајот, особено за обврската за носење заштитен шлем.

Во Велес, Кавадарци и Демир Капија беа реализирани превентивни активности за заштита од кражби и различни видови имотни деликти, а во Прилеп, с. Сувидол, с.Самоков и с.Белица, Македонски Брод, полициски службеници од ОВР Прилеп и ОВР Македонски Брод реализираа превентивни активности во насока на заштита на шумите од бесправна сеча и пожари. На граѓаните им беше укажано дека незаконското сечење на дрва и предизвикувањето пожари се кривични дела, кои соодветно законски се санкционираат, а им беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со ЈП „Национални шуми“.

Вчера (16.09.2026), во основните училишта во струшките села Октиси и Подгорци, беше реализирана превентивната кампања „Кажи не на дрогата, алкохолот и цигарите, кажи да на животот“. Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид, ОВР Струга и ПО Велешта ги информираа учениците за штетните последици по здравјето на младите како резултат на овие девијантни појави.

Мени за пристапност