Денеска (16.09.2026) во Велес, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес реализираа превентивни активности во рамки на кампањата „Безбеден град“, со цел информирање на учесниците во сообраќајот за начинот на функционирање на системот и неговата улога во навремено откривање и санкционирање на сообраќајни прекршоци. Покрај тоа, на возачите во Тетово, Велес, Кавадарци и Неготино им беше укажано на обврската за прилагодување на брзината според сообраќајната сигнализација и условите на патот, а на пешаците за обврска улицата да ја минуваат на обележан пешачки премин и да не користат мобилен телефон и слушалки додека поминуваат пешачки премин. Полициски службеници од СВР Битола пак, во основното училиште „Даме Груев" во Битола, одржаа едукативно предавање „Да ги заштитиме децата во сообраќајот".
Во Штип, Кочани и Делчево, полициски службеници од СВР Штип реализираа превентивни активности „Не користи мобилен телефон додека возиш“ и „Вози безбедно со технички исправно возило“, а ги информирааа граѓаните и за последиците што може да настанат доколку возат под дејство на алкохол.
Отсекот за превенција при СВР Куманово пак, во Куманово спроведе превентивна активност за безбеден јавен превоз на патници и ученици, насочена кон правните лица кои вршат автобуски јавен превоз на патници односно неопходноста превозт да се врши со технички исправни возила.
Полициски службеници од СВР Велес, ОВР Неготино, ПС Пробиштип и ПО Чашка денеска реализираа и превентивни активности за заштита од измами и различни форми на кражби, укажувајќи им на граѓаните да бидат внимателни во комуникација со непознати лица, да не ги споделуваат своите лични податоци и да внимаваат на своите лични предмети. Во рамки на активностите беше поделен печатен едукативен материјал.
Oд страна на полициски службеници од ПС ГН Попова Шапка во с. Вешала и с. Шипковица беа реализирани превентивни активности за заштита од пожари, укажувајќи им на граѓаните за потребата од соработка со институциите и навремено пријавување на било какви појави на несовесно однесување, фрлање и палење на ѓубре и палење оган, особено на отворен простор и во близина на шумски појаси, со цел навремена и брза реакција на сите институции.
Полициски службеници од ПС Берово пак во соработка со родителите на малолетни лица, во Берово спроведоа превентивна активност насочена кон малолетниците, односно за спречување на појавите на малолетничка деликвенција, злоупотреба на алкохол и психоактивни супстанции и нарушување на јавниот ред и мир.