Денеска (19.08.2026) на подрачјето на СВР Велес беа реализирани превентивни активности за спречување на родово базирано насилство и за безбеден сообраќај. Во Велес беше спроведена активноста на тема „Има помош за живот без насилство“ и „Не биди нем сведок“. Во рамки на активноста беше ставен акцент на постапките и процедурите при појава на случаи на родово базирано насилство и достапноста на услугите за помош, заштита и привремен престој. Додека, пак, на подрачје на општина Чашка, полициски службеници спроведоа сообраќајна превентивна активност на тема „Вози одговорно“, со цел да им се укаже на сите учесници во сообраќајот за обврската и потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи. На возачите им беше укажано дека се должни внимателно да управуваат со своите возила, да ја прилагодат брзината на движење, да користат сигурносен појас, да не возат под дејство на алкохол, да не употребуваат мобилен телефон и уште низа корисни совети за подигнување на јавната свест за зголемување на безбедноста на сообраќајот и унапредување на сообраќајната култура.
Превентивна активност за безбеден сообраќај е спроведена и во Куманово. Активноста беше наменета за пешаците кои неодговорно се однесуваат како учесници во сообраќајот, кои не користат обележани пешачки премини и претрчуваат преку коловоз. Притоа, до сите беше упатен апел да користат само обележани пешачки премини и на тој начин да се избегнат сообраќајни незгоди и тешки телесни повреди како последица на непочитување на законските одредби.
Активности за безбеден сообраќај имаше и во Берово, Кочани, штип, Свети Николе и Делчевона повеќе теми, при што на учесниците во сообраќајот им беше делен едукативен материјал со корисни совети. Во Македонска Каменица во содејство со противпожарната единица и Шумска полиција, преку непосредни разговори со граѓаните, реализирана е превентивна активност за превенција и заштита од пожари на отворен простор и шумски пожари. За време на активноста на населението беше појаснета опасноста од палењето на оган на отворен простор, шумски пожари и пожари во објекти.
Денеска, на тема „Заштити го твојот дом и заштити се од џебни кражби“ реализирана е активност во Пробиштип. Во непосредни разговори, на повозрасните лица им беа делени летоци со корисни совети, а им беше појаснето да внимаваат за начините за препознавање на измами.