На 25.09.2026 во Велес и Штип, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес и Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Штип спроведоа превентивни активности со цел да се влијае на подигнување на свеста на возачите за ризикот од управување на возило под дејство на алкохол. Граѓаните беа информирани дека алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности и претставува сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Полициски службеници од Полициското одделение Чашка пак, реализираа превентивна активност во рамки на која на возачите им беше укажано на обврската за прилагодување на брзината според сообраќајната сигнализација и условите на патот. Во ООУ „Раде Кратовче“ и ООУ „Кирил и Методиј“ во Кочани, како и во ОУ „Елпида Караманди“ во Битола, полициски службеници од СВР Штип и СВР Битола им објаснуваа на децата како да се движат во сообраќајот, односно безбедно да стигнат од училиштето до дома и обратно.
На 24.09.2026 полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес, на подрачје на општина Чашка реализираа превентивна активност на тема „Има помош за живот без насилство“ и ги информираа граѓаните за појавите на семејно насилство, како и за нивните права и мерки за заштита при постоење на некои од облиците на семејно насилство, потенцирајќи им ја важноста од навремено пријавување на сите облици на насилство. Во рамки на активностите беше поделен печатен едукативен материјал.