Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Превентивни активности за безбеден сообраќај и спречување на кражби и насилство

Превентивни активности за безбеден сообраќај и спречување на кражби и насилство

Денеска (24.09.2026) на граничниот премин ,,Блаце" , од страна на полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи во соработка со Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата беше спроведена превентивна кампања  за поголема сообраќајна безбедност и поддршка на системот ,,Безбеден град”.
Kампањата е насочена кон информирање и едукација на сите учесници во сообраќајот, а особено на возачите на моторни возила, за начинот на функционирање на системот „Безбеден град“, неговата улога во откривањето и санкционирањето на сообраќајните прекршоци, како и за правата и обврските на учесниците во сообраќајот чии прекршоци ќе бидат регистрирани со технички средства и уреди за снимање.

Превентивни активности за побезбеден сообраќај спроведоа и полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес на тема „Користи сигурносен појас“.  На граѓаните на Велес им беше укажано на обврската за задолжително користење на сигурносен појас во возилата, но и за доследно почитување на сите сообраќајни правила и прописи, потенцирајќи им дека користењето на сигурносен појас е законска обврска како за возачите, така и за патниците во возилата, со цел зголемување на личната безбедност. Во ООУ „Ванчо Прќе“ во  Делчево и ООУ „Никола Парапунов“ во с.Драгобраште, виничко, полициски службеници од СВР Штип им објаснуваа на децата како да се движат во сообраќајот, односно безбедно да стигнат од училиштето до дома и обратно. Во Штип и Кочани, пак, акцентот на превентивните активности беше ставен на последиците што можат да настанат доколку возачите користат мобилен телефон или управуваат возило под дејство на алкохол. 

Полициски службеници од Полициското одделение Чашка пак, реализираа превентивни активности за заштита од кражби, во рамки на кои ги советуваа граѓаните како да се заштитат од различни форми на кражби, да ги заштитат своите домови и да внимаваат на своите лични предмети. СВР Битола вчера (23.09.2026) во рамките на Советот за социјална заштита на Општина Битола во  соработка со ЈУ МЦСР Битола одржа едукативен настан на тема „Дигитална безбедност, дигитално насилство и рано препознавање на ризици кај деца" на кој присуствуваа претставници на основни и средни училишта, стручни служби, совети на родители, здруженија и други институции. На настанот беа презентирани мерки за дигитална безбедност, рано откривање на дигитално насилство и препознавање на ризици кај деца.

Мени за пристапност