Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Превентивни активности за безбеден сообраќај и спречување зависности

Превентивни активности за безбеден сообраќај и спречување зависности

Денеска (23.09.2026) во Велес, полициски службеници од ПС БПС Велес спроведоа превентивна активност „Користи сигурносен појас“, со цел да им се укаже на граѓаните на обврската за задолжително користење на сигурносен појас во возилата, но и за доследно почитување на сите сообраќајни правила и прописи. При тоа, им беше потенцирано дека користењето на сигурносен појас е законска обврска како за возачите, така и за патниците во возилата, со цел зголемување на личната безбедност. Полициски службеници од ОВР Кавадарци пак, реализираа превентивна активност „Не користи мобилен телефон додека возиш“, со цел на возачите да им се укаже за ризикот од користење на мобилен телефон за време на управување со возилата, додека во Неготино беше реализирана превентивна активност на тема „Поминувај на пешачки премин“, со цел зголемување на безбедноста на пешаците кои како најранлива категорија учесници во сообраќајот, имаат обврска да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, улицата секогаш да ја преминуваат на обележан пешачки премин и да не користат слушалки и мобилни телефони. Во Кочани пак, акцентот беше ставен на правилното паркирање, со цел да не се загрозуваат другите учесници во сообраќајот, пред се пешаците. Во ООУ „Даме Груев“ во  с. Ерџелија и во детска градинка  „7 Септември“ во Берово, како и во општина Кривогаштани, полициски службеници од СВР Штип и СВР Битола им објаснуваа на децата како да се движат во сообраќајот, односно безбедно да стигнат од училиштето до дома и обратно. Вчера(22.09.2026), пак, непосредно пред започнување на јаболкоберот во Ресен, полициски службеници од СВР Битола и ОВР Ресен во Ресен одржаа трибина со земјоделците на тема „Безбедно со земјоделската механизација". Во рамки на активностите беше поделен печатен едукативен материјал.

Отсекот за превенција при СВР Куманово пак, во ООУ „Карпош“ во с. Умин Дол организираше спортски настан, кој покрај дружењето меѓу децата, беше искористен и за едукација, односно за запознавање на младите со штетните последици од зависностите, како што се наркотиците.

Мени за пристапност