Денеска (22.09.2026) во Куманово, Гостивар, Штип, Делчево, Берово, Свети Николе, Пробиштип, Виница и Кочани беа реализирани превентивни активности со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот. Во Гостивар, Штип, Делчево, Берово, Пробиштип, Виница и Свети Николе, полициски службеници реализираа превентивни активности како дел од одбележувањето на Европската недела на мобилност (16–22 септември). Низ директна комуникација, на граѓаните им беше потенцирана важноста од почитување на сообраќајните правила и прописи односно зголемување на нивото на сообраќајна култура, како и почесто користење на алтернативни превозни средства, како што се велосипедите.
Во рамки на активностите беше поделен и печатен едукативен материјал. На учениците пак, од ОУ „Славејко Арсов“ во Штип, стручно обучени полициски службеници им објаснуваа како да се движат во сообраќајот, односно безбедно да стигнат од училиштето до дома и обратно. Отсекот за превенција при СВР Куманово во Куманово спроведе превентивна активност за подигање на свеста за потребата од почитување на сообраќајните правила, пред се возачите да ја прилагодат брзината на движење спрема сообраќајните знаци и условите на патот.