Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Превентивни активности за побезбеден сообраќај и спречување пожари и бесправна сеча

Превентивни активности за побезбеден сообраќај и спречување пожари и бесправна сеча

Отсекот за превенција при СВР Тетово, денеска (05.06.2026) на подрачје на Гостивар почна со практично имплементирање на превентивно- едукативниот проект ,,Чекор по чекор“, со кој се опфатени децата на претшколска возраст од 14 тетовски и пет гостиварски детски градинки, а на кои стручно обучени полициски службеници од ПС БПС Тетово и Гостивар им објаснуваат како да се движат во сообраќајот, прилагодено на нивната возраст. Полициски службеници од ПС БПС Битола, пак, во кругот на СВР Битола за ученици од Битола одржаа предавање на кое на учениците им беше укажано на последиците од непочитувањето на сообраќајните правила и прописи.

Вчера (04.06.2026)  полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес, на неколку локации во Велес, реализираа превентивна активност на која на возачите им беше укажано за ризикот и последиците од управување возило под дејство на алкохол, со оглед на тоа дека алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности на возачите и претставува сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот, како и за потребата од максимална внимателност, со цел зголемување на нивото на безбедност во сообраќајот. 

Полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје пак, денеска реализираа превентивни активности насочени кон возачите на мотоцикли, електрични тротинети и велосипеди. Целта на активностите беше зголемување на сообраќајната култура преку потсетување на правилата и обврските за внимателно и одговорно учество во сообраќајот, при што беше укажано на обврската за носење заштитен шлем. На темата безбедност во сообраќајот беше одржано предавање во ЦОУ „Драга Стојановска“ во скопското село Ракотинци, како и при посетата на ПС Карпош од страна на ученици од ООУ „Христијан Тодоровски- Карпош“.

И полициските службеници од СВР Штип реализираа превентивни активности за побезбеден сообраќај, и тоа во Штип, Кочани с. Чешиново и с. Облешево. Во Делчево и Пехчево пак превентивните активности беа насочени кон спречување на пожари и бесправна сеча. Полициските службеници во разговор со граѓаните укажуваа на потребата од максимална совесност и грижа за шумскиот фонд. Исто така, на граѓаните им беше укажано дека незаконското сечење на дрва и предизвикувањето пожари се кривични дела, кои соодветно законски се санкционираат. На граѓаните им беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со ЈП „Национални шуми“.

Мени за пристапност