Денеска (25.02.2026) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Велес за учениците од прво до трето одделение, реализираа едукативно предавање на тема „Сообраќајни правила за малите пешаци“, а предавање на истата тема реализираа и полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово во ОУ „Коста Рацин“ во с. Брвеница.
Целта на овие активности беше децата, како најмлади учесници во сообраќајот, од најрана возраст да се запознаат со основните сообраќајни правила и прописи. Преку видео презентација, непосредна комуникација и споделување примери, на учениците им беше укажано за тоа како правилно да се движат и преминуваат улица, неопходноста од внимателност кога се во улога на пешаци или велосипедисти, со акцент на последиците и опасностите што ги носи непочитувањето на сообраќајните правила. Исто така, полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Кавадарци, на неколку локации во Кавадарци, реализираа сообраќајна превентивна активност „Вози одговорно“, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и подигнување на сообраќајната култура, а во насока на намалување на ризикот од сообраќајни незгоди, а превентивни активности за побезбеден сообраќај реализираа и полициски службеници од СВР Штип во Свети Николе, Штип и Кочани.
Полициски службеници од РЦГР Исток и ОВР Делчево вчера во ООУ „Ванчо Прќе“ во Делчево одржаа едукативно предавање на тема: „Превенција од злоупотреби на дрога, алкохол, пушење, обложување, интернет...“ Целта на превентивно- едукативната активност беше учениците да се запознаат со штетноста по здравјето од користењето наркотици, алкохол и цигари и негативните влијанија врз развојот на младата личност, семејството и поширокото општествено опкружување. Исто така, им беа објаснети формите и манифестацијата на зависноста, што придонесува за агресивно и асоцијално однесување, како и начините за превенција и казнените одредби предвидени за евентуално кршење на законите. На учениците им беше посочено и внимателно да ги користат социјалните мрежи, односно да не прифаќаат било какви постирани предизвици.