Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Превентивни активности за безбеден сообраќај, спречување врсничко насилство и внимателно користење на социјалните мрежи

Превентивни активности за безбеден сообраќај, спречување врсничко насилство и внимателно користење на социјалните мрежи


Денеска (26.02.2026) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес во ООУ „Васил Главинов“ во Велес реализираа предавање за учениците на темите „Булинг“, „Сајбер насилство“ и „Тик ток предизвици“. Учениците беа запознаени со начините на манифестирање на овие девијантни појави, како и со последиците што може да се појават во различни форми. Во рамки на активноста им беа појаснети методите за навремено превенирање и справување со овој вид на девијантно однесување помеѓу младите, а им беше укажано и на поголема внимателност при користењето на социјалните мрежи, со цел да се подигне свеста за сериозно анализирање на содржините на кои наидуваат и целосно избегнување на опасните Тик ток предизвици. Едукативна работилница на овие теми, како и на темата за семејно насилство реализираше и Одделението за превенција при СВР Скопје во ООУ „Кирил и Методиј“ во с. Стајковци. 

Полициски службеници од ОВР Неготино пак, денеска реализираа превентивна активност за заштита од различни видови измами, со посебен акцент на телефонските измами, во рамки на која, на граѓаните им беше укажано да бидат внимателни при разговори со непознати лица кои им нудат разни услуги и што да преземат со цел да се заштитат, а секој сомнителен случај да го пријават во полиција. Превентивна активност за заштита од телефонски измами, на 25.02.2026 беше реализирана и на подрачјето на општина Чашка. 

Во СОУ „Коста Сусинов“ во Радовиш, пак полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Радовиш заедно со лекар, педагог и претставник на ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи Радовиш реализираа едукативно предавање со ученици од средното училиште во рамки на проектот „Одговорноста започнува со избор“. Целта на ова предавање беше да им се укаже на учениците и да се зголеми нивното знаење за штетните последици кои може да ги предизвика употребата на алкохол, тутун, психотропни супстанци, како и игрите на среќа. Вакво предавање  вчера реализираа и полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид, во средното угостителско-туристичко училиште „Ванчо Питошески“ во Охрид.

ОВР Струга, ОВР Берово и ОВР Пробиштип реализираа превентивни активности за безбеден сообраќај, со акцент на подигањето на свеста кај возачите да не управуваат возила под дејство на алкохол. Имено, алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности и претставува сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.

Полициските службеници од ПС БПС Штип во Штип на возачите им укажуваа за потребата од редовно сервисирање и проверка на техничката исправност на возилата, а ПС БПС Кочани спроведе превентивна активност со акцент на потребата од правилно паркирање на возилата, за да не се загрозува безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Едукативна работилница на темата безбеден сообраќај реализираа и полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје во ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево.

Мени за пристапност