Денеска (27.02.2026) полициски службеници од ПС БПС Велес, на неколку локации во Велес, реализираа превентивна активност на тема „Користи сигурносен појас“. Преку непосредна комуникација, на граѓаните им беше потенцирана обврската за задолжително користење на сигурносен појас во возилата, но и за доследно почитување на сите сообраќајни правила и прописи, како и тоа дека користењето на сигурносни појаси е законска обврска, како за возачите така и за патниците во возилата, со цел зголемување на нивната лична безбедност. Исто така, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес, реализираа превентивна активност на тема „Внимателност при преминување на улица“, во рамки на која на пешаците им беше укажано дека улицата треба да ја преминуваат единствено на обележан пешачки премин, при тоа да не користат слушалки и мобилни телефони, да бидат внимателни, особено во вечерните часови кога се движат на неосветлени локации и низа други совети. Полициски службеници од ПС БПС Кочани пак, одржаа предавање за безбедноста во сообраќајот на учениците од прво до петто одделение од ПОУ „Климент Охридски“ во с.Прибачево, а Одделението за превенција при СВР Скопје со учениците од ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево. Целта на овие активности е да се влијае на зголемување на сообраќајната култура и зголемување на нивото на безбедност во сообраќајот.
Во текот на вчерашниот ден пак, во средните општински училишта „Ристе Рустевски Ричко“ и „Орде Чопела" во Прилеп, полициски службеници од СВР Битола и ОВР Прилеп одржаа едукативни работилници на тема сајбер насилство, како да се препознае и навремено превенира. На работилниците стана збор и за заштита од зависностите, како и за безбедноста во сообраќајот.
Отсекот за превенција при СВР Куманово пак, во соработка со Општинскиот совет за превенција од Општина Куманово во Куманово и Одделението за превенција при СВР Скопје во ООУ „Коле Неделковски “ и ООУ „Гоце Делчев“ во Скопје одржаа превентивни активности за спречување на семејното насилство. Полициски службеници од ПС Свети Николе во Свети Николе реализираа превентивна активност „Заштити се од џебни кражби“ и „Обезбеди го твојот дом“. На граѓаните им беа дадени совети како да се заштитат од имотните деликти, а доколку станат жртва веднаш да го пријават случајот во полиција.