На 24.11.2026 на повеќе места во централното градско подрачје во Берово, полициски службеници од полициско одделение за безбедност на патниот сообраќај Берово реализираа едукативна кампања под мотото „Биди подготвен за безбедно патување во зима“, којa се реализираше со лична средба на граѓаните (возачите), на кои им беа поделени летоци со едукативна содржина, а им беше и укажано за важноста на поседување и носење задолжителна зимска опрема во возилата која е задолжителна од 15ти ноември, со цел на зголемување на севкупната безбедност во сообраќајот.
На 24.11.2026 полициски службеници од полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Штип во централно градско подрачје реализираа едукативна кампања под мотото „Не користи мобилен додека управуваш со моторно возило“, при што на возачите учесници во сообраќајот им беа поделени летоци со корисни совети и им беше појаснета законската регулатива околу обврската која ја имаат како возачи – односно да не користат мобилен телефон додека го управуваат моторното возило. Целта е подигање на јавната свет кај граѓаните за побезбеден сообраќај.
На 24.11.2026 во Дом на култура Свети Николе полициски службеници од ОВР-Свети Николе, во соработка со Совет за превенција од детско престапништво реализираа едукативен настан каде сите членови кои се од Центар за социјални работи, претставници од совет на родители на училиштата земаа учество во интерактивна комуникација со присутните ученици. Исто така, беа презентирани низа практични примери во кои аморални и асоцијални појави биле причина за криминално однесување кај младите, а воедно беа објаснети и начините за нивно спречување и промовирање на позитивните вредности, се со цел заштита и превенција од штетните влијанија кои овие општествени негативни појави ги предизвикуваат. Гостин на музичкиот настан беше и Игор Џамбазов – актер, музичар, лице кое во текот на настанот го излагаше своето животно искуство за борбата со зависности.
Вчера (23.11.2026), полициски службеници од отсекот за превенција при СВР Охрид и волонтери од Црвениот крст Охрид, реализираа едукативни кампањи со учениците од деветто одделение од основното училиште „Григор Прличев“ на тема „Заедно против психоактивните супстанции, алкохолот и цигарите“ а со учениците од шесто, седмо, осмо и деветто одделение во основните училишта „Христо Узунов“ и „Климент Охридски“, на тема „Заедно против булингот и сајбер булингот“. Во рамките на проектните активности, беа одржани типизирани предавања со видео презентација и низ проактивна комуникација, на учениците им беа дефинирани облиците и појавните форми на зависности како асоцијални и девијантни појави, нивното штетно влијание врз организмот кое сериозно ја загрозува безбедноста и животот. Полициските службеници и волонтерите, зборуваа и за темите булинг и сајбер булинг како облик на насилство помеѓу врсниците, појавните форми и облици како и за начините на нивно навремено препознавање и формите за заштита во такви случаи. Едукативните предавања беа проследени со разговор и размена на мислења при што учениците имаа можност да поставуваат прашања и да добијат корисни информации.
Денеска (24.11.2026) во подрачното основно училиште „Гоце Делчев“ во село Тимјаник, неготинско, беше реализирана показна вежба за брза евакуација и однесување во кризни ситуации, односно симулација на пожар, во рамки на која полициски службеници од ОВР Неготино во соработка со екипи од Територијалната противпожарна единица, ОО на Црвен Крст и Дирекцијата за заштита и спасување, ги презентираа мерките за заштита и спасување и начинот на постапување на службите на терен при евентуално настанат пожар. Целта е учениците да се запознаат со начините и протоколите за однесување во кризни ситуации, односно начинот на евакуација и брза интервенција при пожар, совладување на паниката и безбедно и организирано евакуирање во претпоставена ситуација.
Полициски службеници од ОВР Неготино во основното училиште „Гоце Делчев“ во Неготино, реализираа едукативни предавања за заштита и спречување на врсничко насилство и безбедно учество во сообраќајот. Притоа, учениците се запознаа со начините и методите за навремена превенција и справување со формите на насилничко однесување, облиците на манифестирање и последиците што може да се појават, а им беа појаснети и сообраќајните правила и прописи со цел зголемување на личната безбедност во сообраќајот .
Полициски службеници од ОВР Кавадарци пак, спроведоа превентивна активност за заштита и спречување на појави поврзани со семејно и родово базирано насилство. Преку непосредна комуникација, граѓаните беа информирани за нивните права и мерки за заштита при постоење на облици на семејно насилство и при тоа беа споделени постапките и процедурите при појава на овој вид на случаи, со акцент на важноста од навремено пријавување на сите облици на насилство.
На подрачје на општина Чашка, денеска беше реализирана превентивна активност на тема „Кажи не на дрогата“, во која акцент беше ставен на младата популација, со укажување за штетните последици од болестите на зависност, како и информации за начините и методите што треба да се користат и применуваат во справувањето со овој вид на појави.
Вчера полициски службеници од Полициско одделение за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Неготино, спроведоа сообраќајна превентивна активност на тема "Користи зимска опрема", со цел да им се укаже на возачите на обврската за задолжително поседување и употреба на зимска опрема, како важен предуслов за зголемување на личната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот и подигнување на нивото на сообраќајна култура.
Денеска (24.11.2026), во просториите на ОСЕУ „8 Септември“ во Тетово, полициски службеник од Отсекот за превенција, во содејство со вишиот инспектор при СВР Тетово, реализираа едукативно-превентивно предавање на тема „Злоупотреба на мало, лесно и ладно оружје“. Основната цел на превентивната активност беше подигнување на безбедносната свест и култура кај учениците, превенција од насилство и навремено запознавање со законските, здравствените и социјалните последици од поседување и злоупотреба на оружје. Преку визуелна презентација и интерактивна дискусија беа опфатени следниве тематски целини: Појаснување на поимите мало, лесно и ладно оружје, како и разликата помеѓу секојдневен алат и предмет кој на јавно место се третира како ладно оружје. Физички и здравствени повреди, психолошки трауми кај жртвите и сведоците, влијанието на врсничкиот притисок и социјалните мрежи, како и заблудата за носење оружје „за самоодбрана“. Одредбите од Законот за оружје и Кривичниот законик на Република Северна Македонија (член 396), кривичната одговорност на малолетници со навршени 14 години, како и одговорноста на родителите и старателите. Правила за безбедно постапување при забележување необезбедено или напуштено оружје („Не допирај – Тргни се – Пријави“) и запознавање со броевите за итни случаи и пријавување (112 и 192).