Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Денеска и во текот на викендот реализирани се повеќе различни превентивни активности на подрачјата на СВР Велес, СВР Штип и СВР Битола

Денеска и во текот на викендот реализирани се повеќе различни превентивни активности на подрачјата на СВР Велес, СВР Штип и СВР Битола

Вчера и денеска, на подрачјето на СВР Велес бреа спроведени низа превентивни активности. На 23.11.2026 за учениците од средното општинско училиште „Димитрија Чуповски“ во Велес беше реализирано едукативно предавање за заштита и спречување на врсничко и сајбер насилство. При тоа, учениците се запознаа со формите на насилничко однесување, облиците и начините на манифестирање на овие девијантни појави и со последиците што може да се појават, а им беа појаснети и начините и методите за  навремена превенција и справување со овој вид на девијантно однесување помеѓу младите. Исто така, во Велес беше спроведена и активност на тема „Користи сигурносен појас“, укажувајќи им на граѓаните за потребата од доследно почитување на сообраќајните правила и прописи.

Полициски службеници од ОВР Неготино спроведоа превентивни активности за заштита и спречување на појави поврзани со семејно и родово базирано насилство. Во Кавадарци денеска е реализирана превентивна активност на тема „Кажи не на дрогата“, во рамки на која на граѓаните, посебно на младата популација им беше укажано за штетните последици од болестите на зависност. Додека, вчера  беше спроведена сообраќајна превентивна активност на тема „Паркирај совесно, паркирај одгвороно“, при што на возачите им беше потенцирано дека правилното паркирање на возилата е од исклучително значење за индивидуалната и општа безбедност во сообраќајот.

Полициски службеници од Полициската канцеларија Градско реализираа превентивна активност за правилно и безбедно користење на плински уреди, нивно редовно одржување и контрола на исправноста, со што би се спречиле несакани последици и загрозување на безбедноста, додека на подрачје на општина Чашка денеска беше спроведена превентивна активност за заштита од имотни деликти. Во текот на викендот во Чашка, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес спроведоа превентивни активности на тема „Слави со срце, не со оружје“, во рамки на кои на граѓаните им беше укажано на опасностите од неовластено пукање со огнено оружје и користењето пиротехника на разни прослави, но и за казнените мерки со кои може да се соочат.

На 23.11.2026 во Штип и Кочани, полициски службеници од Полициските одделенија за безбедност на патниот сообраќај Штип и Кочани реализираа едукативна кампања под мотото „Биди подготвен за безбедно патување во зима“, при што на возачите им беа поделени летоци со едукативна содржина, а им беше и укажано за важноста на поседување и носење задолжителна зимска опрема во возилата со цел на зголемување на севкупната безбедност во сообраќајот. На 23.11.2026, полициски службеници од ОВР Делчево,  РЦ  Исток и претставници од Црвен крст - Делчево во ООУ „Климент Охридски“ во Делчево со учениците од осмо одделение релизираа превентивно едукативно предавање на тема „Превенција и заштита од зависностите - никотин, алкохол и дрога“.

Вчера  (22.11), полициските службеници од ОВР Крушево во централното градско подрачја и излезите од Крушево на возачите на моторни возила им поделија едукативни летоци, изработени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, со пораки за одговорно управување на возилата во зимски услови и согласно позитивна законска регулатива. Додека, пак, ОВР Прилеп спроведе превентивна активност со повозрасна група на граѓани за заштита од измами и кражби.

Мени за пристапност