Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Превентивни активности за безбеден сообраќај, заштита од пожари и имотни деликти

Превентивни активности за безбеден сообраќај, заштита од пожари и имотни деликти

Денеска (02.06.2026) во Велес и Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци и Отсекот за превенција при СВР Велес реализираа превентивни активности на тема „Со тротинет и велосипед секогаш вози безбедно и според правилата“. Во рамки на превентивните активности на граѓаните им беше укажано за важноста од почитувањето на правила и прописите, како и значењето од поседување заштитна опрема при управување на електрични тротинети и велосипеди. Полициски службеници од ПС БПС Велес пак, спроведоа превентивна активност „Користи сигурносен појас“ укажувајќи им на возачите и сопатниците за обврската од користење на сигурносен појас во возилата, а со цел зголемување на личната безбедност. Вчера, полициски службеници од ОВР Неготино реализираа едукативна работилница од областа на сообраќајот за учениците од ООУ „Гоце Делчев“, потенцирајќи им ги на најмладите основните сообраќајни правила и прописи преку презентации и практични активности. Полициски службеници од ПО Чашка, пак, во населба Чашка и селата Лисиче, Голозинци и Мелница, денеска реализираа превентивна активност за заштита од телефонски измами, укажувајќи им на граѓаните секогаш да бидат внимателни при комуникација со непознати лица и да не оставаат лични податоци за да не бидат жртви на измами. Превентивни активности за заштита од измами вчера и денес се реализираа и на подрачје на општините Неготино и Демир Капија. 

Полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје спроведоа превентивна активност „Не оставајте вредни предмети во вашиот автомобил“ на подрачјето на ПСОН Центар. Полициските службеници во непосредна комуникација со граѓаните им укажуваа да не оставаат вредни предмети во паркираните автомобили, со цел да се превенираат можностите за тешки кражби од патнички моторни возила. Исто така, на граѓаните им беше укажувано за начините за превенција во тесна соработка со полицијата, а воедно им беа делени и едукативни печатени материјали со информативни содржини, со укажување дека секој сомнителен случај треба да го пријават во полициска станица.

Во Делчево, од страна на полициски службеници од ОВР Делчево, реализирани се превентивни активности за спречување на пожари и незаконска сеча на дрва. Полициските службеници во разговор со граѓаните укажуваа на потребата од максимална совесност и грижа за шумскиот фонд. Исто така, на граѓаните им беше укажано дека незаконското сечење на дрва и предизвикувањето пожари се кривични дела, кои соодветно законски се санкционираат. На граѓаните им беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со ЈП „Национални шуми“.

Во Штип и Кочани, пак, полициски службеници од ПС БПС Штип и Кочани реализираа превентивни активности под мото „Носи кацига, вози внимателно“ и „Стави појас“. Целта на активностите беше зголемување на сообраќајната култура преку потсетување на правилата и обврските за внимателно и одговорно учество во сообраќајот. На возачите на мопеди и мотоцикли им беше укажувано на обврската за задолжително носење заштитен шлем, како за нив, така и за сопатниците. Во рамки на активностите беше поделен и едукативен материјал изработен во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност– Скопје.

Мени за пристапност