Денеска (01.06.2026) полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје спроведоа превентивна активност „Не оставајте вредни предмети во вашиот автомобил“ на подрачјето на ПСОН Центар. Полициските службеници во непосредна комуникација со граѓаните им укажуваа да не оставаат вредни предмети во паркираните автомобили, со цел да се превенираат можностите за тешки кражби од патнички моторни возила. Исто така, на граѓаните им беше укажувано за начините за превенција во тесна соработка со полицијата, а воедно им беа делени и едукативни печатени материјали со информативни содржини, со укажување дека секој сомнителен случај треба да го пријават во полициска станица.
Во Пробиштип, од страна на полициски службеници од ОВР Пробиштип, реализирани се превентивни активности за спречување на пожари и незаконска сеча на дрва. Полициските службеници во разговор со граѓаните укажуваа на потребата од максимална совесност и грижа за шумскиот фонд. Исто така, на граѓаните им беше укажано дека незаконското сечење на дрва и предизвикувањето пожари се кривични дела, кои соодветно законски се санкционираат. На граѓаните им беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со ЈП „Национални шуми“.
Во Штип и Свети Николе, пак, полициски службеници од ПС БПС Штип реализираа превентивни активности под мото „Носи кацига, вози внимателно“ и „Паркирај совесно“. Целта на активностите беше зголемување на сообраќајната култура преку потсетување на правилата и обврските за внимателно и одговорно учество во сообраќајот. На возачите на мопеди и мотоцикли им беше укажувано на обврската за задолжително носење заштитен шлем, како за нив, така и за сопатниците. Во рамки на активностите беше поделен и едукативен материјал изработен во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност – Скопје.