Денеска (03.04.2026) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес, ПО БПС Неготино и СВР Штип, во Велес, Кочани, Штип и Неготино реализираа превентивни активности на тема „Не заборавајте сите сме пешаци, бидете одговорни во сообраќајот“. При тоа, на граѓаните им беше потенцирано дека улицата треба да ја преминуваат единствено на обележан пешачки премин, да не користат слушалки и мобилни телефони и да ги почитуваат сите сообраќајни правила и прописи како активни учесници во сообраќајот. Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес реализираа и едукативно предавање за учениците од прво и второ одделение во подрачното основно училиште во село Сливник, велешко на тема „Правила за малите пешаци“ на кое децата се запознаа со основните сообраќајни правила, со цел уште од најрана возраст да се влијае на зголемување на нивото на безбедноста во сообраќајот на најмалите. Едукативно предавање на оваа тема, на 02.04.2026 се одржа и за учениците од прво до четврто одделение во ООУ „Лирија“ во село Горно Јаболчиште, општина Чашка. Овие превентивно – едукативни активности се реализираат во рамки на кампањата „Недела на пешаците“ која се одбележува од 01.04 до 07.04.2026, а во насока на зголемување на нивото на сообраќајната култура, но и зајакнување на довербата и соработката меѓу полицијата и граѓаните. На граѓаните им беа поделени и печатени едукативни материјали, изработени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност Скопје.
Полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје пак, во ЈОУДГ „11 Октомври“ во Скопје спроведоа едукативна активност со деца од предшколска возраст. Притоа, на проактивен начин на децата им беа објаснети основните сообраќајни поими, правила и прописи, адаптирано на нивна возраст.
Полициски службеници од ОВР Пробиштип пак во Пробиштип реализираа превентивни активности за спречување на пожари и бесправна сеча на дрва.