Денеска (02.08.2026) полициски службеници од СВР Скопје, СВР Струмица и СВР Штип во туристичкиот центар Кањон Матка, с.Горна Матка, струмичките села Водоча, Вељуса и Анѓелци, како и во општина Карбинци, реализираа превентивни активности за спречување на пожари. Полициските службеници преку непосредна комуникација со граѓаните им укажаа на потребата од одговорно однесување во природа, со посебен акцент на избегнување на палење оган, да не фрлаат отпушоци од цигари и доколку забележат пожар веднаш да пријават на телефонскиот број 112. На земјоделците пак, им беше потенцирана потребата од внимателно извршување на земјоделските работи, со акцент на опасностите од предизвикување пожари од палење на меѓи, стрништа со сува трева и смет на ниви. Исто така, им беше укажано дека предизвикувањето пожари е кривично дело, што соодветно законски се санкционира. На граѓаните им беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со ЈП „Национални шуми“, со напомена за почитување на забраната за движење во шуми која е активна до 31.08.2026 година.
Одделението за превенција при СВР Скопје, Отсекот за превенција при СВР Тетово и ОВР Гостивар, пак, спроведоа превентивни активности за побезбеден сообраќај. Во Гостивар, на возачите на електрични тротинети, велосипеди и мотоцикли им беше потенцирана потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи, особено на обврската за носење на заштитен шлем, напоменувајќи им дека секој учесник во сообраќајот е еднакво одговорен како за својата, така и за безбедноста на сите останати учесници во сообраќајот. На автопатот Скопје -Тетово пак, во близина на наплатната станица Глумово, во склоп на кампањата „Безбедно лето - вози одморен“, на возачите во непосредна комуникација им беше укажано за важноста од управување на возило одморени, бидејќи заморот и падот на концентрацијата се главните причини за предизвикување сообраќајни несреќи во лето. Исто така, им беше нагласено дека во овој период, кога е зголемена фреквенцијата во сообраќајот и возачите се упатуваат кон летните дестинации минувајќи стотици километри, од особена важност е да се прават почести паузи во текот на патувањето и да се следат препораките за безбедно возење и почитување на сообраќајната сигнализација.