Денеска (04.08.2026) полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Кавадарци, на подрачје на Кавадарци, реализираа превентивна активности под мотото „Возете безбедно со технички исправно возило“. Целта на активноста беше да се подигне степенот на сообраќајна култура, а посебен акцент беше ставен на потребата за свесност кај возачите за обврската за редовно одржување и техничка исправност на возилата, како клучен предуслов за безбедно учество во сообраќајот. Одделението за превенција при СВР Скопје, ОВР Берово и ПС БПС Штип пак, во Скопје, Берово и Штип реализираа превентивни активности, при што на возачите им беше укажано за важноста од задолжително почитување на сообраќајните правила и прописи. Акцент беше ставен на возачите на мотоцикли, електрични тротинети и велосипеди, при што возачите беа потсетени на правилата и обврските за внимателно и одговорно учество во сообраќајот, особено за обврската за носење заштитен шлем. Во рамки на сообраќајните активности беше поделен печатен едукативен материјал изработен во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност Скопје.
Полициски службеници од ОВР Македонски Брод при СВР Битола во с.Пласница и Македонски Брод реализираа превентивни активности за спречување на пожари. Полициските службеници преку непосредна комуникација со граѓаните им укажаа на потребата од одговорно однесување во природа, со посебен акцент на избегнување на палење оган, да не фрлаат отпушоци од цигари и доколку забележат пожар веднаш да пријават на телефонскиот број 112. На земјоделците пак, им беше потенцирана потребата од внимателно извршување на земјоделските работи, со акцент на опасностите од предизвикување пожари од палење на меѓи, стрништа со сува трева и смет на ниви. Исто така, им беше укажано дека предизвикувањето пожари е кривично дело, што соодветно законски се санкционира. На граѓаните им беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со ЈП „Национални шуми“, со напомена за почитување на забраната за движење во шуми која е активна до 31.08.2026 година.