Денеска (05.08.2026) од страна на Отсекот за превенција при СВР Велес, на неколку локации во Велес, беше реализирана превентивно - едукативна активност „Безбедно поминување на пешаците преку улица- бидете одговорни во сообраќајот“, во која на пешаците им беше потенцирано дека тие, како активни учесници во сообраќајот, имаат обврска да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со напомена дека улицата треба да ја преминуваат на обележан пешачки премин, при тоа да не користат слушалки и мобилни телефони и да бидат внимателни, особено во вечерни часови кога се движат на неосветлени локации.
Отсекот за превенција при СВР Куманово на наплатната станица Романовце на автопатот „Пријателство“ спроведе превентивна активност насочена кон возачите кои транзитираат низ нашата земја. При тоа, им беше укажувано почесто да прават паузи, затоа што заморот е една од најчестите причини за сообраќајни несреќи во летниот период и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Превентивни активности за безбеден сообраќај спроведоа и Одделението за превенција при СВР Скопје и СВР Штип во Скопје, Берово, Штип и Кочани. Во рамки на превентивните активности беа поделени печатени едукативни материјали со препораки за безбедно учество во сообраќајот, изработени во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност Скопје.
Полициски службеници од ОВР Пробиштип во Пробиштип реализираа превентивни активности за спречување на пожари и бесправна сеча. Полициските службеници преку непосредна комуникација со граѓаните им укажаа на потребата од одговорно однесување во природа, со посебен акцент на избегнување на палење оган, да не фрлаат отпушоци од цигари и доколку забележат пожар веднаш да пријават на телефонскиот број 112. На земјоделците пак, им беше потенцирана потребата од внимателно извршување на земјоделските работи, со акцент на опасностите од предизвикување пожари од палење на меѓи, стрништа со сува трева и смет на ниви. Исто така, им беше укажано дека предизвикувањето пожари, како и бесправната сеча се кривични дела, што соодветно законски се санкционираат. На граѓаните им беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со ЈП „Национални шуми“, со напомена за почитување на забраната за движење во шуми која е активна до 31.08.2026 година.