Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Превентивни активности за безбеден сообраќај и заштита од пожари

Превентивни активности за безбеден сообраќај и заштита од пожари

Денеска (21.04.2026) полициски службеници од ПС БПС Велес реализираа превентивна активност на тема „И јас и ти сме пешаци“. Целта на активноста беше да им се укаже на пешаците дека и тие како учесници во сообраќајот имаат обврска да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Во рамки на активноста им беше потенцирано дека улицата треба да ја преминуваат на обележан пешачки премин, при тоа да не користат слушалки, мобилни телефони или други електронски уреди и секогаш да бидат внимателни. Полициски службеници од ПО Чашка пак, реализираа превентивна активност на тема „Управувај безбедно со земјоделски машини“ со цел поголема безбедност и видливост на земјоделските машини во сообраќајот.  Исто така, во Штип од страна на полициски службеници од СВР Штип беа реализирани и превентивни активности на тема „Не користи мобилен телефон“ и „Стави појас“, при што на возачите им беше укажано за опасностите од користење мобилен телефон при управување возила, како и за потребата од користење на сигурносен појас како од страна на возачите, така и од страна на сопатниците. Во рамки на превентивните активности беше поделен и печатен едукативен материјал изработен во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност Скопје.

Полициски службеници од ПС Берово на подрачјето на Берово и Пехчево денеска спроведоа превентивна активност во рамки на кампањата за спречување на шумските пожари, пожари на отворено и бесправната сеча на дрва. Притоа, во рамки на активноста, во разговор со граѓаните беше потенцирано дека е потребна континуирана соработка со надлежните институции и задолжително пријавување на несовесно однесување, како фрлање и палење ѓубре, палење оган на отворен простор и во близина на шумски појаси, фрлање на отпушоци и слично, со цел брза и навремена реакција на институциите.

Полициски службеници од ОВР Пробиштип, пак, во содејство со претставници од Општински совет за превенција од детско престапништво при Општина Пробиштип, во ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Никола Карев“ во Пробиштип, одржаа едукативни предавања во насока на рано спречување на кривични дела и прекршоци.

Мени за пристапност