Денеска (26.03.2026) во Велес и Свети Николе полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес и ПС БПС Свети Николе, реализираа превентивно - едукативни активности на тема „Последици од управување технички неисправно возило“. Целта на овие активности е да се влијае на подигнување на свеста кај возачите за важноста од редовното одржување на возилото и вршење технички проверки, најмногу заради лична, но и безбедноста на сите останати учесници во сообраќајот. Анализите покажуваат дека токму исправноста на возилата е значаен фактор што влијае на безбедноста во сообраќајот и намалувањето на сообраќајните незгоди. Исто така, полициски службеници од ПС за БПС при СВР Велес, денеска реализираа превентивна активност на тема „Не користи мобилен телефон додека возиш“, во која преку непосреден контакт на возачите им беше укажано за ризикот од користење на мобилен телефон за време на управување со возило, осврнувајќи се на сите останати правила за безбедно учество во сообраќајот, а во насока на подигнување на нивото на сообраќајна култура. Полициски службеници од ПС БПС Пробиштип ги информираа граѓаните за штетните последици што можат да настанат доколку управуваат возило под дејство на алкохол, како и доколку не користат сигурносен појас.
Во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица беше одржана детска претстава во рамки на кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, при што преку едукативен и забавен пристап се потенцираа основните сообраќајни правила потребни за безбедно учество на децата во сообраќајот. Настанот беше организиран од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во соработка со СВР Струмица - Отсек за превенција, Општина Струмица и НУЦК „Антон Панов“. Исто така, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Струмица реализираа едукативно предавање во Детската градинка „Виножито“ во Струмица на тема „Безбедност на малите пешаци“.
Вчера пак, во ООУ „Лирија“ во Тетово, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово присуствуваа на настан посветен на безбедноста во училиштата, односно за превенција и справување со насилството во училиштата, преку дијалог и едукативни активности.
Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово, ПС Свети Николе и ПС Делчево во општина Желино, Свети Николе и Делчево реализираа превентивни активности на тема „Има надеж за живот без насилство– Не биди нем сведок“. Во непосредна комуникација со граѓаните, им беа објаснети начините како да се превенира семејното насилство и достапноста на услугите за помош и заштита доколку сепак се жртви на насилство. Беше укажано и за тоа што можат граѓаните да сторат доколку се најдат во ситуација да бидат сведоци на одреден вид насилство. Од страна на полициските службеници беше потенцирана важноста од навремено пријавување на сите облици на насилство, а беше поделен и печатен едукативен материјал. Полициски службеници од ПС Берово пак, ги информираа граѓаните за потребата од внимателност со цел се спречи предизвикувањето на пожари.