Денеска (11.09.2026) во Тетово, Велес, Неготино и Чашка, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово, СВР Велес и ПО Чашка, реализираа превентивни активности за заштита од имотни деликти, во рамки на кои, преку непосредна комуникација, ги советуваа граѓаните како да се заштитат од различни форми на кражби и измами, да ги заштитат своите домови и да внимаваат на своите лични предмети. Во рамки на активностите беше поделен и печатен едукативен материјал.
Полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје и СВР Велес пак, на подрачје на ПС Карпош, како и општините Чашка и Градско, спроведоа превентивни активности за заштита од пожари, укажувајќи им на граѓаните за потребата од соработка со институциите и навремено пријавување на било какви појави на несовесно однесување, фрлање и палење на ѓубре и палење оган, особено на отворен простор и во близина на шумски појаси, со цел навремена и брза реакција на сите институции.
Полициски службеници од СВР Велес, ОВР Кавадарци ПС Делчево и РЦГР Исток, во Велес, Кавадарци и Делчево спроведоа сообраќајни превентивни активности со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот, посочувајќи им ја важноста од редовното одржување на техничката исправност на возилата, опасностите доколку користат мобилен телефон додека возат, како и потребата од почитување на сите сообраќајни правила.
Вчера (10.09.2026) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Битола реализираа едукативни предавања за учениците од СОУ „Таки Даскало“ во Битола на тема „Превенција од зависности“ и „Спречување на врсничко насилство", со цел учениците да се информираат за последиците од различните форми на зависности како наркотици, алкохол, цигари, како и за начините како да се спречи врсничкото насилство. Полициски службеници од ПО Ропотово, во основното училиште „Исмаил Ќамили" во с.Црнилиште реализираа превентивна активност на тема „Безбедно во сообраќајот“. Денеска, пак, во Штип, Отсекот за превенција при СВР Штип реализираше едукативни активности под мотото „Не биди нем сведок“ и „Има помош за живот без насилство“. На средбите со граѓаните им беа давани совети за заштита од насилство, како и насоки за тоа што можат да сторат доколку се најдат во таква ситуација да бидат сведоци на одреден вид насилство. Исто така, граѓаните беа информирани за правата и мерките за заштита при постоење на родово базирано насилство. Особено беше потенцирана неопходноста од соработка и навремена комуникација со полицијата.