Денеска (07.07.2026) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес и Одделението за превенција при СВР Скопје во Велес и Скопје реализираа превентивни активности на тема „Заштита од џебни кражби и измами“. На граѓаните им беа појаснети начините како да се заштитат од различни видови и форми на кражби и измами, со цел да го зголемат нивото на лична и имотна сигурност. Активноста посебно беше насочена кон повозрасната популација, која е почеста мета на разни видови на имотни деликти, потенцирајќи им да внимаваат на своите лични предмети и да бидат посебно внимателни при комуникација со непознати лица. Исто така, од страна на Отсекот за превенција при СВР Велес во Велес беа реализирани превентивни активности на тема „Има помош за живот без насилство“, при што граѓаните беа информирани за постапките и процедурите при појава на такви случаи и достапноста на услугите за помош, заштита и привремен престој, со акцент на важноста од навремено пријавување на сите облици на насилство. Превентивна активност за заштита од измами денеска беше реализирана и на подрачје на Неготино.
Полициски службеници од ПС БПС при СВР Велес и ПС БПС Кочани, Штип и Пробиштип во Велес, Кочани, Штип и Пробиштип, денеска реализираа сообраќајна превентивна активност на тема „Не користи мобилен телефон додека возиш“, потенцирајќи им го на возачите ризикот од користење на мобилен телефон за време на управување со возило, додека полициски службеници од ОВР Кавадарци и ОВР Валандово на подрачјата на Кавадарци и Валандово реализираа превентивни активности насочени кон мотоциклистите за важноста од носење заштитен шлем и потребата од безбедно учество во сообраќајот.
Полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје, СВР Велес, ПО Чашка и ОВР Берово во Скопје, Берово, како и во селата Иванковци, Мамутчево и Караслари, велешко и општина Чашка, денеска реализираа превентивни активности за заштита од пожари, во рамки на кои на граѓаните им беше потенцирана потребата од поголема внимателност, поради опасноста од предизвикување на пожари на отворен простор во текот на летниот период, особено кога извршуваат земјоделски работи. Во рамки на превентивните активности беше поделен и печатен едукативен материјал.