Вчера (08.03.2026) во Охрид, Oтсекот за превенција при СВР Охрид во соработка со Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, по повод Меѓународниот ден на жената, на припадничките на понежниот пол - учеснички во сообраќајот им подарија цвеќе, подароци и едукативни летоци со практични совети за безбедно управување моторни возила. Слична активност спроведоа и полициските службеници од Регионалниот центар за гранични работи Запад на Граничниот премин Блато, како и Одделението за превенција при СВР Скопје на подрачјето на ПСОН Центар во Скопје. Денеска во Кочани од страна на полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Кочани беше спроведена превентивна активност „Не користи мобилен телефон додека управуваш возило“, при што на граѓаните им беше укажано на штетните последици што можат да настанат доколку користат мобилен телефон додека возат. Полициски службеници од ПС БПС при СВР Велес, пак на неколку локации во Велес, реализираа превентивна активност под мотото „Стави појас“. Преку непосредна комуникација, на граѓаните им беше потенцирана обврската за задолжително користење на сигурносен појас во возилата, но и за доследно почитување на сите сообраќајни правила и прописи. При тоа, уште еднаш им беше укажано дека користењето на сигурносни појаси е законска обврска, како за возачите така и за патниците во возилата, со цел зголемување на нивната лична безбедност.
Во текот на вчерашниот ден Одделението за превенција, ПС Центар и ПС Кисела Вода при СВР Скопје и Отсекот за превенција, ПО Попова Шапка, ПО Јегуновце и ПО Теарце при СВР Тетово спроведоа превентивни активности за спречување на семејното насилство. Преку непосредна комуникација, граѓаните беа информирани за начините како да се превенира појавата на семејно насилство, мерките за заштита при постоење на некои од облиците на семејно насилство, но и за тоа што можат да сторат доколку се најдат во ситуација да бидат сведоци на одреден вид насилство. Вакви активности денеска беа спроведени и во Берово и во Делчево.