Денеска (28.08.2026) полициски службеници од СВР Скопје на територија на општина Сарај реализираа превентивни активности за спречување на пожари. Полициските службеници преку непосредна комуникација со граѓаните им укажаа на потребата од одговорно однесување во природа, со посебен акцент на избегнување на палење оган, да не фрлаат отпушоци од цигари и доколку забележат пожар веднаш да пријават на телефонскиот број 112. На земјоделците пак, им беше потенцирана потребата од внимателно извршување на земјоделските работи, со акцент на опасностите од предизвикување пожари од палење на меѓи, стрништа со сува трева и смет на ниви. Исто така, им беше укажано дека предизвикувањето пожари е кривично дело, што соодветно законски се санкционира. На граѓаните им беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со ЈП „Национални шуми“, со напомена за почитување на забраната за движење во шуми.
Отсекот за превенција и ПС БПС при СВР Штип и Отсекот за превенција при СВР Тетово, пак, спроведоа превентивни активности за побезбеден сообраќај. На наплатната станица „Кадрифаково“ во склоп на кампањата „Безбедно лето - вози одморен“, полициски службеници од СВР Штип на возачите во непосредна комуникација им укажаа за важноста од управување на возило одморени, бидејќи заморот и падот на концентрацијата се главните причини за предизвикување сообраќајни несреќи во лето. Исто така, им беше нагласено дека во овој период, кога е зголемена фреквенцијата во сообраќајот и возачите се упатуваат кон летните дестинации минувајќи стотици километри, од особена важност е да се прават почести паузи во текот на патувањето и да се следат препораките за безбедно возење и почитување на сообраќајната сигнализација.
Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово пак, на регионалниот пат Тетово – Јажинце, поточно на влезот во село Лешок, ги информираа возачите за последиците што можат да настанат доколку управуваат возило под дејство на алкохол. Во текот на активноста, на учесниците во сообраќајот им беа поделени информативно-едукативни летоци изготвени во соработка со РСБСП и Факултетот за безбедност – Скопје.