На 02.09.2026 во Велес, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес реализираа превентивна активност „Не оставајте вредни предмети во вашиот автомобил“. Целта на активноста е да се подигне свеста на граѓаните за заштита од имотни деликти, особено од тешки кражби од моторни возила. На граѓаните преку директни средби и разговори им беше укажано возилата да ги оставаат на безбедни места како паркинг простори и осветлени локации, како и на тоа да не оставаат вредни предмети како чанти, телефони, паричници и сл. во возилата и истите секогаш да ги заклучуваат. Превентивна активност за заштита од кражби на подрачје на Демир Капија и Крушево, денеска реализираа и полициски службеници од ОВР Неготино и ОВР Крушево.
Полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје и ПО БПС при ОВР Кавадарци пак, во Скопје и Кавадарци реализираа превентивни активности за безбеден сообраќај, со акцент на тоа да им се укаже на граѓаните за потребата од задолжително користење сигурносен појас во возилата и дека тоа претставува обврска како за возачите, така и за патниците во возилата, во насока на зголемување на личната безбедност. Исто така, на возачите на мотори и електрични тротинети им беше потенцирана обврската од носење заштитна кацига, пред се за нивна лична безбедност. Во Штип пак, од страна на Отсекот за превенција при СВР Штип акцент беше ставен на правилното паркирање. Во централното подрачје на Тетово полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово реализираа превентивна активност за безбедност на пешаците, при што полициските службеници ги потсетуваа пешаците за нивните обврски при учество во сообраќајот, дека треба да ја поминуваат улицата на обележан пешачки премин, да не користат мобилен телефон и слушалки додека поминуваат пешачки премин, како и за други правила кои треба да ги почитуваат за нивно безбедно учество во сообраќајот како пешаци. Исто така, на возачите им беше укажано дека мора целосно да ги почитуваат правилата, односно да им даваат предност на пешаците при преминување на сообраќајниците. На граѓаните им беше потенцирана потребата од почитување на сите сообраќајни правила и прописи, со цел зголемување на безбедноста на улиците и патиштата.
На подрачјето на Пробиштип, полициски службеници од ПС Пробиштип реализираа превентивна активност за спречување на пожари, со посебен акцент на избегнување на палење оган, граѓаните да не фрлаат отпушоци од цигари и доколку забележат пожар веднаш да пријават на телефонскиот број 112. На земјоделците пак, им беше потенцирана потребата од внимателно извршување на земјоделските работи, со акцент на опасностите од предизвикување пожари од палење на меѓи, стрништа со сува трева и смет на ниви. Исто така, им беше укажано дека предизвикувањето пожари е кривично дело, што соодветно законски се санкционира. На граѓаните им беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со ЈП „Национални шуми“.