Денеска (30.09.2026) полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес, реализираа превентивна активност „Не користи мобилен телефон додека возиш“, со цел да им се укаже на возачите за ризикот од користење на мобилен телефон за време на управување со возилата, како и за потребата од доследно почитување на сите сообраќајни правила. Во Берово, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај ставија акцент на подигнување на свеста кај возачите за значењето на технички исправно возило, навремено откривање на неисправности и намалување на сообраќајните незгоди кои се последица на технички дефекти.
Во ООУ „Страшо Пинџур” во Карбинци и ООУ „Никола Карев“ и ПОУ „Ванчо Трајков“ во Пробиштип, полициски службеници од СВР Штип им објаснуваа на децата како да се движат во сообраќајот, односно безбедно да стигнат од училиштето до дома и обратно.
На подрачје на општините Кавадарци и Чашка, полициски службеници од Полициското одделение Чашка и ОВР Кавадарци, реализираа превентивни активности за заштита од телефонски измами, при што граѓаните беа советувани секогаш да бидат внимателни при комуникација со непознати лица, да не оставаат лични и податоци од своите платежни картички за да не бидат жртви на овој вид измами.
Полициски службеници од СВР Велес и Одделението за превенција при СВР Скопје пак, реализираа превентивни активности за спречување на имотни деликти, при што со граѓаните споделија корисни совети како да се заштитат од различни форми на кражби, да ги заштитат своите домови и возила и да внимаваат на своите лични предмети. Во рамки на активностите беше поделен и печатен едукативен материјал.
Отсекот за превенција при СВР Тетово, ОВР Гостивар и Отсекот за превенција при СВР Куманово во координација со другите надлежни институции во овие општини, одржаа работни состаноци со цел зголемување на безбедноста во училиштата. Во фокусот на состаноците беа безбедносните состојби во училиштата, превенцијата од врсничко насилство и други облици на девијантно однесување, како и можностите за навремено идентификување и спречување на ризиците. Полициските службеници од ГП Деве Баир, пак, во соработка со Црвен крст- Крива Паланка на ГП Деве Баир направија практична демонстрација на техники за укажување на прва помош при различни видови повреди.