Денеска (04.07.2026) полициски службеници од ПО БПС при ОВР Кавадарци на експресниот пат Градско-Прилеп, реализираа сообраќајна превентивна активност. Во непосредна комуникација на возачите им беше укажано на обврската за прилагодување на брзината според сообраќајната сигнализација и условите на патот, како и за ризикот што го преземаат доколку не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, пред се за личната, но и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Овие активности имаат за цел да се зголеми нивото на сообраќајна култура, а пред се, да се влијае на зголемување на свесноста кај возачите и да се намали бројот на сообраќајни незгоди. Во рамки на превентивната активност беше поделен печатен едукативен материјал, изработен во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност-Скопје.
Со цел, пак, зголемена безбедност на вода во текот на летната туристичка сезона, Одделението за превенција при СВР Охрид ја отпочна кампањата „Безбедно на педалинки“. Полициски службеници од Одделението за превенција, деновиве, преку интензивна комуникација со лицата кои на плажите на охридското крајбрежје издаваат пловни објекти- педалинки, за рекреативна намена, им укажуваат за неопходноста од зголемена внимателност и одговорност при издавање на педалинките на туристите и потребата од неопходна проверка на исправноста на педалинката при секое издавање, за задолжително поседување безбедносна опрема, а секој корисник да добие исправен спасувачки елек со соодветна големина, да се обезбедат спасувачки елеци и за деца, да има јаже или друга опрема за итни случаи. Посебно им се укажува дека треба да го следат движењето на педалинките и доколку забележат опасност, навреме да реагираат и да ги информираат надлежните служби. Лицата кои издаваат педалинки се должни корисниците да ги запознаат со безбедносните мерки при секое изнајмување на педалинка: задолжително носење спасувачки елеци, забрането скокање или туркање на педалинки, забрането управување под дејство на алкохол и психотропни супстанции, како и почитување на означените зони за пловидба.
Во Скопје, пак, на територија на Кисела Вода, Арачиново и Сопиште, полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје реализираа превентивни активности за спречување на пожари. Полициските службеници во разговор со граѓаните укажуваа на потребата од максимална совесност и грижа за шумскиот фонд. Исто така, на граѓаните им беше укажано дека предизвикувањето пожари е кривично дело, што соодветно законски се санкционира. Доколку пак забележат пожар, тоа веднаш да го пријават на телефонскиот број 112. На граѓаните им беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со ЈП „Национални шуми“.