Денеска (02.03.2026), Одделението за превенција при СВР Скопје, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата РСБСП, на подрачјето на Полициската станица Чаир реализираше сообраќајно-превентивна активност под мотото „Користете зимска опрема“ и „Стави појас“.
Во рамки на активностите на ул.„Македонско-косовска бригада“, полициски службеници на возачите им делеа едукативни летоци, изработени во соработка со РСБСП, со пораки за одговорно управување на возилата во зимски услови и согласно позитивна законска регулатива, како и задолжително користење на безбедносен појас за време на управување со моторно возило. Исто така, во основното училиште „Ацо Шопов“ на подрачје на Чаир реализирана е едукативна работилница на тема „Видови на насилство и превенција од насилство“. Притоа, учениците беа запознаени со поимот насилство, видовите на насилство, начинот за заштита и пријавување на насилство. Посебно беше потенцирана појавата на насилно однесување на учениците во училиштата.
Денеска, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Штип реализираа превентивна активност на тема „Паркирај совесно, паркирај безбедно“. Основна цел на активноста беше зголемување на сообраќајната култура, со цел максимално почитување на сообраќајните правила и прописи, како и зајакнување на довербата и соработката помеѓу полицијата и граѓаните. Додека, пак , полициски службеници од Полициската станица Делчево и Регионалниот центар за гранични работи Исток во основното училиште „Климент Охридски“ во Делчево одржаа едукативно предавање на тема „превенција од алкохолот и дрогата“ каде беа опфатени ученици од деветто одделение и на нив преку презентација им беа појаснети законските регулативи, како и последиците од користењето на цигарите, алкохолот и дрогата.