Вчера и денеска (15/16.01.2026) полициски службеници од СВР Тетово, СВР Охрид, СВР Штип и РЦГР Исток спроведоа превентивни активности за безбеден сообраќај и заштита од кражби и измами. Во текот на вчерашниот ден во Охрид, Отсекот за превенција при СВР Охрид реализира превентивна сообраќајна кампања „Биди одговорен возач- користи зимска опрема“. Притоа, на повеќе пунктови во градот, низ разговори со возачите на моторни возила, ги потсетуваа на потребата и законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, како основен предуслов за безбедно движење на моторните возила во зимски услови. Денеска пак, во Делчево, полициски службеници од ПО БПС Делчево ги информираа граѓаните за штетните последици, но и за санкциите доколку користат мобилен телефон додека управуваат возило.
Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Тетово вчера, на градскиот пазар во Тетово спроведе превентивна активност за заштита на граѓаните од џебни кражби. Полициските службеници ги информираа граѓаните како да се заштитат од ваквите кривични дела, но и каде да пријават доколку сепак бидат жртва. Денеска и полициски службеници од РЦГР Исток реализираа превентивна активност во Делчево за превенција од имотни деликти со посебен акцент на заштита од измами, особено насочена кон повозрасните граѓани. Преку непосредни разговори и делење на едукативен материјал, граѓаните беа информирани за најчестиот вид на измами со лажни сообраќајни незгоди, при што измамниците претставувајќи се на телефон како полициски службеници, адвокати, обвинители или лекари, од жртвата бараат одредена сума на пари. Им беше укажано доколку добијат ваков телефонски повик, да го прекинат разговорот и веднаш случајот да го пријават во полициска станица или на телефонските броеви 112 или 192.