Денеска(24.08.2026), полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај при ОВР Кавадарци спроведоа превентивна активност на тема „Возете безбедно со технички исправно возило“. Целта на активноста е да се подигне степенот на сообраќајна култура, при што беше нагласена обврската за редовно одржување и техничка исправност на возилата, како клучен предуслов за безбедно учество во сообраќајот, а на возачите на трактори и земјоделски машини им беше укажано и на потребата за нивна поголема видливост на патиштата. Полициски службеници од Полициското одделение Чашка, пак, реализираа превентивна активност за заштита на шумите од бесправна сеча, при што беше потенцирано дека секое незаконско постапување ќе биде соодветно санкционирано. Во рамки на превентивните активности беше поделен печатен едукативен материјал.
На 24.08.2026 на подрачјето на Кисела Вода, Одделението за превенција при СВР Скопје спроведе превентивно едукативна кампања за безбеден сообраќај при што беа опфатени повеќе теми. За време на активноста во непосредна комуникација со сите учесници во сообраќајот им беше укажано на потребата од целосно почитување на сообраќајните правила и прописи. Исто така, денеска, на магистрален пат Скопје – Блаце, Оддлението за превенција при СВР Скопје во соработка со РСБСП реализираше превентивна активност по Кампања „ Безбеден Град- За безбедни учесници во сообраќајот“. Кампањата има за цел да ги информира граѓаните за функционирањето на системот „Безбеден град“, кој овозможува поефикасно откривање и евидентирање на сообраќајните прекршоци.
Додека, пак, денеска полициски службеници од Полициското одделение за безбедност на патниот сообраќај Кочани реализираа превентивна активност „Одговорно пред пешачки премин“. Преку непосредна комуникација на пешаците им беше укажано дека при движењето задолжително да се користат сообраќајните површини предвидени за движење на пешаци - тротоари, како и пешачките премини при поминување на улиците, со што директно ќе влијаат на зголемување на безбедноста во сообраќајот. Исто така, беше укажано и за санкциите што произлегуваат од непочитување на законските одредби.