Денеска (22.01.2026) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес и Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај, на неколку локации во Велес, реализираа превентивни активности од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата, на тема „Користи зимска опрема“ и „Брзото возење убива“. Полициските службеници во непосредна комуникација им укажаа на возачите за потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи, со посебен акцент на зимскиот период, кога условите на патиштата бараат максимална внимателност и затоа особено е важно почитувањето на одредбите за сезонско користење на зимска опрема. Исто така, на возачите им беше нагласена и обврската за прилагодување на брзината на возење според условите во кои се одвива сообраќајот и според состојбата на патиштата. Воедно, беше поделен печатен едукативен материјал, изработен во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност- Скопје. Вакви превентивни активности беа спроведени и во Штип од страна на полициски службеници од ПС БПС Штип.
На подрачјето на Тетово, пак, полициски службеници од Одделот за превенција при СВР Тетово спроведоа превентивно-едукативна активност под мотото „Паркирај совесно - паркирај одговорно“. На возачите им беше укажано на последиците по безбедноста на сообраќајот кои може да настанат доколку непрописно ги паркираат возилата, особено на штета на пешаците и велосипедистите.