Денеска (23.01.2026) полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес и Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај на неколку локации во Велес реализираа превентивни активности од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата, на тема „Не користи мобилен телефон додека возиш“. Полициските службеници во непосредна комуникација им укажаа на возачите за опасностите од користење мобилен телефон при управување возила, во насока на подигнување на свеста на учесниците во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди. Воедно, беше поделен и печатен едукативен материјал, изработен во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност- Скопје. Исто така, граѓаните беа предупредени да бидат внимателни и да не наседнуваат на лажни електронски пораки во име на Министерството за внатрешни работи за наводни сообраќајни прекршоци и да не оставаат лични податоци, со цел да се заштитат од дигитални измами.
Полициски службеници од СВР Штип, пак, спроведоа превентивно- едукативни активности за заштита од имотни деликти, пред се кражби и измами. Во непосредна комуникација со граѓаните во Виница, Пробиштип и Свети Николе, особено со повозрасната популација, полициските службеници им даваа корисни совети на граѓаните како да се заштитат себе и своите домови од кражби, провални кражби и измами и потребата секој сомнителен случај да го пријават во полиција. Во Делчево и Берово пак, беа реализирани превентивни активности за безбеден сообраќај Полициските службеници во непосредна комуникација им укажаа на возачите за потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи, со посебен акцент на зимскиот период, кога условите на патиштата бараат максимална внимателност и затоа особено е важно почитувањето на одредбите за сезонско користење на зимска опрема.
Исто така, на возачите им беше нагласена и потребата од редовни технички проверки на возилата, со цел безбедно учество во сообраќајот.