Денеска (24.12.2025), полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Велес, заедно со лекар од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, реализираа превентивно-едукативни предавања во рамките на кампањата „Без пиротехника за побезбедни празници” за учениците од прва година од средните училишта „Јовче Тесличков“, „Коле Неделковски“, „Кочо Рацин“ и „Димитрија Чуповски“ во Велес. Исто така, полициски службеници од ОВР Кавадарци реализираа едукативни предавања и за учениците од осмо и деветто одделение од основните училишта „Тошо Велков Пепето“ и „ Димката Ангелов Габерот“ во Кавадарци. На предавањата беше укажано дека употребата на пиротехнички средства претставува опасен ризик по здравјето, особено кај децата и малолетниците, бидејќи содржат експлозив и можат да предизвикаат тешки и трајни повреди и последици по здравјето. Додека, пак, полицски службеници од ОВР Неготино во подрачното основно училиште во село Долни Дисан, неготинско, спроведоа едукативна работилница на тема „Дете, учесник во сообраќајот“, на која на учениците им беше укажано за важноста од почитувањето на сообраќајните правила и прописи, со цел подигнување на нивото на сообраќајна култура и безбедноста на децата, како најмлади учесници во сообраќајот.
Едукативни предавања за ризиците од употребата на пиротехнички средства денеска беа реализирани и на подрачје на СВР Штип, односно во основното училиште „Димитар Влахов” во Штип, во средното училиште „Гошо Викентиев” во Кочани и во средното училиште „Наум Наумовски Борче“ во Пробиштип. Во Свети Николе, полициски службеници при ОВР Свети Николе на повеќе патни правци спроведоа сообраќајна активност под мотото „Не пиј кога возиш“. Во рамки на активноста на возачите им беа поделени летоци со едукативна содржина, а беше потенцирано дека алкохолот е една од главните причини за предизвикување сообраќајни незгоди во овој период и дека некористењето на алкохол при управување со моторното возило се клучен фактор за безбедно пристигнување на посакуваната дестинација.
На 24.12.2025 на подрачјето на Полициската станица Центар, Одделението за превенција при СВР Скопје реализираше превентивни активност под мотото „Пиротехника - забавна за момент, кобна за цел живот“. На минувачите им беа поделени едукативни материјали и притоа им беше посочено дека петардите предизвикуваат стрес и интензивно чувство на вознемиреност, како кај луѓето, така и кај животните, и факт е дека огромен број на луѓе во светот секоја година остануваат инвалиди поради употреба на петарди, а од нив поголем дел се деца.
Паралелно на овие активности, во СУГС “Јосип Броз - Тито“ лекари од Универзитетска клиника за пластична и корективна хирургија, одржаа работилници под мотото „Создавај спомени без повреди – кажи НЕ на пиротехнички средства!”. Исто така, во соработка со РСБСП, на бул.„Илинден“ постапено е по новогодишна кампања „Ако пиеш не вози, ако возиш не пиј“, каде беа поделени летоци со едукативна содржина на учесниците во сообраќајот.