Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Превентивни активности на подрачјата на СВР Струмица, СВР Штип, СВР Охрид, СВР Велес, СВР Тетово и СВР Скопје за безбеден сообраќај и спречување на употребата на пиротехнички средства

Превентивни активности на подрачјата на СВР Струмица, СВР Штип, СВР Охрид, СВР Велес, СВР Тетово и СВР Скопје за безбеден сообраќај и спречување на употребата на пиротехнички средства

Денеска (25.12.2025), полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Струмица заедно со лекари од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија реализираа едукативно предавање на тема „Кажи не за пиротехнички средства“ со ученици од осмо и деветто одделение во основните училишта „Сандо Масев“ и „Никола Вапцаров“ Струмица. Вакво предавање, на 24.12.2025, реализираа и полициски службеници од Полициската станица Гевгелија со ученици од средното училиште „Богданци“ и основното училиште „Петар Мусев“ во Богданци и во основното училиште „Кирил и Методи“ во село Стојаково, општина Гевгелија. На учениците им беше укажано за штетните последици кои може да ги предизвика употребата на пиротехнички средства, како и за казнените одредби кои предвидуваат санкционирање на оние кои нелегално продаваат, набавуваат или употребуваат пиротехнички средства. На подрачје на Гевгелија спроведена е и превентивна активност во соработка со РСБСП во која на возачите им беа поделени летоци со едукативна содржина на тема „Празнувај одговорно, алкохолот и воланот не се добар пар“.  


Исто така, вчера (24.12.2025), во сите основни и средни училишта во Кичево и во едно основно училиште во Центар Жупа беше реализирана превентивна кампања „Кажи НЕ за пиротехничките средства“. Пред околу 600 ученици од двете општини, тим од полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Охрид, од полициските станици во Кичево и Дебар, лекари по општа медицина и пластична хирургија, пред учениците презентираа основни информации  за штетноста од нелегалната употреба на пиротехника, на можните опасности и последици од употребата на петарди и други пиротехнички средства и низ интерактивна комуникација со учениците, разговараа по изнесените теми и видео презентации. 


Денеска во средното училиште „Гоце Делчев” во Штип, во средното училиште „Љубчо Сантов” во Кочани, во основното училиште „Дедо Иљо Малешевски“ во Берово, во средното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Неготино, во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Кавадарци и основното училиште „Пере Тошев“ во Росоман, полициски службеници и лекари на учениците им одржаа едукативни предавања со видео презентација за штетните последици и казнените одредби за бесправна употреба на пиротехнички средства. 

Денеска (25.12.2025), полициски службеници од СВР Велес, заедно со волонтери од Црвен Крст Велес и екипа од Итна медицинска помош, во дворот на гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес реализираa симулациска показна вежба за повреди предизвикани од употреба на пиротехнички средства-петарди. На вежбата, учениците од основите и средните училишта во градот имаа можност да се уверат дека пиротехничките средства претставуваат опасен ризик и можат да предизвикаат тешки и трајни повреди и последици по здравјето. Активноста е во рамки на превентивната кампања „Сигурни празници, без употреба на пиротехника“ и има за цел да се подигне јавната свест за ризиците и опасностите од неовластеното користење на пиротехнички средства, во пресрет на новогодишните празници, особено кај помладата популација.


Исто така, денеска во централното градско подрачје во Тетово, полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово во содејство со полициски службеници од Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово и претставници од Општински совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Тетово спроведоа превентивна активност под мотото „Ако пиеш не вози, Ако возиш не пиј - Празнувај одговорно “, при што на возачите на моторните возила им беа поделени летоци и освежувачи за возила со информативно - едукативна содржина. 

Додека пак, на подрачјето на Полициската станица Центар и на бул.„Јане Сандански“ во Скопје реализирана е превентивна активност под мотото  „Пиротехника -  забавна за момент, кобна за цел живот“. На случајните минувачи им беа поделени летоци со едукативна содржина и притоа им беше посочено дека петардите предизвикуваат стрес и интензивно чувство на вознемиреност како кај луѓето, така и кај животните и факт е дека огромен број на луѓе во светот секоја година остануваат инвалиди поради употреба на петарди, а од нив поголем дел се деца.

Мени за пристапност