Денеска (26.12.2025), полициски службеници од Отсекот за превенција и од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес на неколку локации во Велес реализираа сообраќајна превентивна активност под мотото „Алкохолот и воланот не се добар пар“. Целта на активноста е да се подигне свеста на граѓаните и степенот на сообраќајна култура, а посебен акцент беше ставен на свесноста кај возачите да не управуваат возила под дејство на алкохол, со оглед на тоа дека алкохолот сериозно ги намалува возачките вештини, ги нарушува психомоторните способности и претставува сериозна закана по нивната и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот. Во рамки на активноста беше поделен печатен едукативен материјал изработен од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
На 26.12.2025 на подрачјето на Полициската станица Центар и Полициската станица Кисела Вода, полициски службеници и лекари од Универзитетска клиника за пластична и корективна хирургија реализираа превентивни активност во основните училишта „Јохан Хајнрих Песталоци“ и „Круме Кепевски“ под мотото „Создавај спомени без повреди - кажи НЕ на пиротехнички средства!”. Додека, превентивно - едукативни предавања од полициски службеници од Полициската станица Ѓорче Петров и Полициската станица Драчево на иста тема беа спроведени и во основните училишта „Ѓорче Петров“ и „Марко Цепенков“ во Зелениково.
Дополнително, на Плоштад „Македонија“, полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка со РСБСП реализираа активност на тема „Ако пиеш не вози, ако возиш не пиј“. Притоа, на граѓаните беа делени флаери со едукативна содржина, а беше демонстрирано заматување на видот со помош на т.н. „Пијани наочари“.
Исто така, денеска (26.12.2025), полициски службеници од Полициската станица Штип, Полициската станица Виница и од Полициската станица Свети Николе, во содејство со лекари од Клиника за пластична хирургија, во неколку основни и средни училишта на подрачјата одржаа едукативни предавања со видео презентација за штетните последици и казнените одредби за бесправна употреба на пиротехнички средства, а со цел подигање на јавната свест за употребата на пиротехниката и целокупната безбедност на граѓаните.